Во Собранието координација за законските измени за новите министерства

Во Собранието координација за законските измени за новите министерства

Во Собранието денеска (3 јуни) ќе се одржи првата координација на претседателот Африм Гаши со претставници на партиите, по конститутивната седница. Гаши за МИА потврдува дека на координативната средба ќе се разговара за следните активности, како и за тоа кога би можело да се одржи седницата за законите поврзани со промените на министерствата во Владата.

Собранието треба да ги донесе законските измени на новиот Закон за организација на работата на органите на државната управа и според него да се изгласа новата реорганизирана влада и да бидат избрани нејзините членови. Исто така, и измените на Законот за локална самоуправа и Изборниот законик, за да се најде преодно решение, да не се распишуваат избори само за неколку месеци мандат односно до одржувањето на локални избори во целата држава наредната година, во оние општини каде градоначалници веќе станаа пратеници и ќе станат министри. За измените на овие системски закони потребно е двотретинско мнозинство.

Партиски извори за МИА изјавија дека најнапред ќе се формираат комисии за овие закони да бидат разгледани, па потоа тие да дојдат на седница. На денешната координативна седница, како што се посочува, ќе се договара таа динамика.

Инаку, рокот за доделување на мандатот за состав на идната влада истекува на 7 јуни. Претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова, како што информираа од нејзиниот Кабинет, неделава ќе го додели мандатот за состав на новата влада.

Мандатарот во рок од 20 дена од денот на доверување на мандатот треба до Собранието да го достави составот на идната Влада, како и нејзината програма. Собранието, пак ја избира Владата на предлог на мандатарот и врз основа на програмата со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Официјалните информации во однос на преговорите за состав на Влада меѓу ВМРО-ДПМНЕ, Вреди и ЗНАМ се дека разговорите се уште траат.

Извор: РСЕ

Прочитајте повеќе

ЕУ: Помалку пари за Унгарија на Орбан

ЕУ: Помалку пари за Унгарија на Орбан

Како претседавач со ЕУ, Виктор Орбан шест месеци всушност требаше да биде неутрален посредник во …