Скопје домаќин на Самит на шефовите на држави и влади од југоисточна Европа

Скопје домаќин на Самит на шефовите на држави и влади од југоисточна Европа

Меѓу гостите во Скопје се претседателите на Албанија, Косово, Црна Гора, но и шефот на грчката дипломатија што е прва посета на висок грчки претставник по реакциите на Грција кон новата власт околу Преспанскиот договор.

Со состанок на министрите за надворешни работи во претпладневните часови и Самит на шефови на држави и влади попладне на 13 јуни во Скопје, Северна Македонија го заокружува едногодишното претседавање со Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ).

Строгиот центар на главниот град од утрово е блокиран за сообраќај поради пристигнувањето на претставниците на 13-те земји учеснички во процесот. Повеќето од делегациите, нема да ги предводат претседателите или премиерите, туку други државни функционери и дипломати. Овој самит во Скопје се одржува додека се очекува формирање на нова влада по парламентарните на 8 мај.

Османи: Мора да се удвојат напорите за членство во ЕУ

Министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи, во улога на претседавач ја отвори пленарната сесија на министерскиот состанок заблагодарувајќи се соработката со Советот за регионална соработка (СРС), кој е извршно тело на ПСЈИЕ.

Според него, изминатиот период се постигнале значајни резултати во бројни области од регионалната сорабокта. Сепак, тој упати порака дека мора да се удвојат напорите за да се исполни целта – сите 13 земји учеснички во процесот да бидат полноправни членки на ЕУ.

„Проширувањето на ЕУ е еден од најуспешните мировни проекти на европскиот континент кој носи незаменлива вредност во градењето отпорни општества и постигнувањето економски напредок и просперитет“, рече Османи.

Тој повтори дека поголема интеграција на земјите со ЕУ пред нивното членство во блокот претставува „соодветно решение за долгогодишните предизвици со кои се соочуваме“.

Прва посета на грчки министер по прозивките за преспанскиот договор

По министерскиот состанок, пак, ќе се одржи Самит на шефови на држави и влади од ПСЈИЕ, чиј домаќин ќе биде претседателката Гордана Сиљановска Давкова. Според најавата од нејзиниот кабинет, присуството го потврдиле претседателите на Црна Гора и Албанија, Јаков Милатовиќ и Бајрам Бегај. Тие се дел од т.н. тројка – Црна Гора како претходен, а Албанија како иден претседавач со ПСЈИЕ. Двајцата со Сиљановска Давкова вечерва ќе одржат и заедничка прес-конференција.

Од највисоките државни функционери во Скопје се и косовската претседателка Вјоса Османи-Садриу и претседавачот на Претседателството на Босна и Херцеговина, Денис Беќировиќ.

Делегацијата од Грција, пак, ја предводи Јоргос Герапетритис, што ќе биде прва посета на висок грчки функционер по низата прозивки меѓу Скопје и Атина околу Преспанскиот договор кои започнаа со некористењето на уставното име од страна на новата претседателка Сиљановска Давкова на нејзината инаугурација во Собранието.

„Бел чад во Скопје“

Во пресрет на министерскиот состанок и на Самитот на шефови на држави и влади, ден претходно во Скопје се одржа и годишниот состанок на Советот за регионална соработка (СРС), кој е извршно тело на ПСЈИЕ.

Крајот на едногодишното претседавање со овој процес, шефот на дипломатијата Бујар Османи го оцени како победа на дипломатијата на Северна Македонија бидејќи вчера во Скопје беше постигнат договор за идниот генерален секретар на СРС.

Функцијата ќе ја извршува Амер Капетановиќ од Босна и Херцеговина, а неговиот избор треба да биде официјаланизиран на денешниот самит.

Земјите учеснички во процесот, три години не можеа да се договорат кој да биде на чело на Советот, па како в.д. генерална секретарка беше Мајлинда Брегу, која е поранешна министерка за евроинтеграции на Албанија.

„Денеска во Скопје има бел чад на состанокот на политички директори од 13-те земји учеснички во ПСЈИЕ“, рече Османи на 12 јуни.

А, за Брегу, тој имаше само пофални зборови велејќи дека го издигнала Советот за регионална соработка во едно респектабилно и кредибилно тело кое покрај тоа што е извршно тело на ПСЈИЕ станало и „важно извршно тело и на Берлинскиот процес“.

13-те земји кои се дел од ПСЈИЕ односно РСС се: Северна Македонија, Грција, Србија, Црна Гора, Косово, Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Хрватска, Молдавија, Романија, Словенија и Турција.

Покрај споменатите високи гости во Скопје, дел од делегациите од останатите земји што ќе учествуваат на Самитот, според најавата од кабинетот на Сиљановска Давкова, ќе бидат: министрите за надворешни работи на Србија – Марко Ѓуриќ и на Турција – Хакан Фидан; заменик-министерот за надворешни работи на Бугарија, Иван Кондов; државните секретар на МНР на Молдавија – Сергеј Михов и на Романија – Даниела Гитман; како и амбасадорите на Словенија – Грегор Прескер и на Хрватска – Нивес Тигањ.

Учесници на Самитот ќе има и од Европската Унија: заменик-управен директор во Европската служба за надворешни работи на ЕУ, Марко Маковец и претставничката од Европската Комисија, Ана Везироглу.

ПСЈИЕ како форум за регионална соработка беше основан во 1996 година и ги вклучува сите земји од југоисточна Европа. Неговите главни цели се унапредување на политичката и безбедносната соработка, поттикнување на економската соработка и проширување на соработката во областа на човековите права, демократијата и правдата.

Извор: РСЕ

Прочитајте повеќе

Богданка Кузеска СДСМ

Кузеска: Потребна е деескалација на односите меѓу Бугарија и Македонија

Изјава на Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ Влошувањето на односите со соседите ја става под …