Мицкоски

Каде оди и каде нѐ води Мицкоски

Последниот обид да се прикријат катастрофалните потези на владата во низа, додека гори од пожари цел месец државата, е дека ДУИ подготвува дестабилизација на Македонија.

Пишува Ерол Ризаов

Секогаш кога новата власт ќе направи грешка или ќе се соочи со сериозен проблем, кои се случуваат секој ден во кусото владеење со катастрофален старт, премиерот Христијан Мицкоски ќе фрли една медиумска бомба да го одвлече вниманието на друга страна. Што поголема грешка, толку поголема лажна експлозија.

Последниот обид да се прикријат катастрофалните потези на владата во низа, додека гори од пожари цел месец државата, е  дека ДУИ подготвува дестабилизација на Македонија  и нарушување на територијалниот интегритет. Завиваат вмровските сирени за тревога и мобилизација. Ечат повици за единство за одбрана  на Македонија од лошите Албанци стационирани во ДУИ. Добрите пак Албанци се со власта. Нешто слично како патриотите Македонци и предавниците Македонци. Другите каде и да се и со кого да се, не се битни.

Со други зборови, се подготвува граѓанска војна, за потоа да следува задолжителната утешителна порака – владата и лично Мицкоски нема да го дозволат тоа.

Кој премиер во светот, освен нашиот, објавува јавно дека ѝ се подготвува дестабилизација на државата, ако не е застрашување на јавноста заради партиски интереси. Ако пак е вистина, тогаш, ова ли е начинот да се спречи распадот на државата со зборовите се подговува дестабилизација, ама не се плашете, ние сме тука, тоа нема да го дозволиме. ВМРО ДПМНЕ постојано нѐ спасува од домашните и надворешните непријатели.

Размислува ли Мицкоски, или тоа воопшто не му е битно, какви се последиците на еден пиширок план  од вакви шарлатански постапки кои можат да пламнат многу посилно и потрагичено од пожарите за кои се разбира е виновна преходната власт што оставила „пустош” да изгори и тоа малку што останало. Тоа ли е таа идеална клима и големите успеси што ги прават  Мицкоски и новата влада  за побрз економски, демократски и културен напредок на Македонија.

Бледа копија на Вучиќ и Орбан

Бев убеден дека  новата влада и премиерот Христијан Мицкоски  по победата на изборите ќе ја применат прагматичната политика на грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис. За тоа да го направат имаат комотно двотретинско мнозинство во Парламентот. Таа политичка доктрина одамна позната во светот и секогаш актуелна е многу едноставна. Додека сте во опозиција следува постојан  жесток напад врз власта за предавство на националните и државни интереси  за тешките и непопуларни компромисни одлуки кои се стратегиски значајни за иднината на државата и граѓаните, за потоа кога ќе се освои власта да се прифатат сите договори  со образложение дека предавничките одлуки како што се договорите со Грција и со Бугарија ќе мора да се применуваат, бидејќи се донесени во Собранието и се  меѓународно признати.

Мислев дека така ќе се обидат да ги  неутрализираат големите  лаги што со години ѝ беа сервирани на јавноста и Македонија ќе ги продолжи преговорите со ЕУ по брзото усвојување на  уставните измени и ќе се постигне неопходниот консензус за спроведување на сложените реформи за членство во ЕУ.

Но, очиглено сум погрешил оти Мицкоски од ден во ден станува сѐ повеќе  бледа копија  на претседателот на  Србија  Александар Вучиќ  и премиерот на Унгарија, Виктор Орбан.

И покрај апсолутната власт имајќи ја предвид Владата, Собранието, локалната  власт и претседателот на државата, во обид да се стави под контрола и судството и целиот правосуден систем, голем дел од највлијателните медиуми,  и натаму  постојано прогласува предавници, изроди и непријатели и  продолжува со популизмот  како да е во опозиција.

Премиерот Мицкоски си направил два аршина. Еден за дома кога храбро се спротивставува на силните светски држави кои ни прват со децении неправда помогнати од   домашните предавници, што му дава ореол на храбар и независен горд и достоинствен државник. А друг аршин за надвор каде  коленичи со лесно препознатливи   итроштини купувајќи скапоцено време на штета на државата, ветувајќи подобри договори  со мали козметички несуштински промени на веќе склучените и подобра преговарачка рамка со ЕУ. Ветува во Брисел дека ќе ги спроведе уставните измени, владата ќе работи силно посветена  на спроведување на реформите како што е веќе договорено. Тоа е начинот што го избрал Мицкоски  да се одбегнува одговорноста за вкупните состојби во земјата што ги има власта, но и за ветените лаги пред изборите.

Прочитајте повеќе

Либан: Пејџери, воки-токи, па отворена војна?

Либан: Пејџери, воки-токи, па отворена војна?

По експлозиите на стотици електронски уреди, останува нејасно како ќе реагира Хезболах, која ужива поддршка …