Муволовка

Пожарите уништија живеалиште на ретко растение кое расте само на Малешевијата

Големите пожари кои беснеат низ целата држава го земаат својот данок, а екологистите предупредуваат дека штетите за биодиверзитетот тешко ќе можат да се измерат

Ретко растение, кое кај нас го има само во Малешевијата изгоре во пожарите кои на крајот на јули ја зафатија околината на Пехчево. Станува збор за многу специфично инсектојадно растение муволовка, кое живее на тресетишта на само три локации во Источна Македонија.

Растението не е на црвените листи на заштитени видови во земјава, но неговата вредност е голема заради тоа што е ретко за ова поднебје и климатски услови. Големите пожари кои беснеат низ целата држава го земаат својот данок, а екологистите предупредуваат дека штетите за биодиверзитетот тешко ќе можат да се измерат.

Големиот пожар што го зафати регионот уништи голем дел од природното богатство и тресетиштето на Јудови ливади кое е специфичен екосистем и каде се наоѓа домот на инсектојадното растение Drosera rotundifolia. Тоа е редок вид и може да се најде само овде, на ниту едно друго место во Македонија, информираа од Едукативниот центар за зачувување на природата во селото Негрево.

Тресетиштето Јудови ливади и ова ретко растение се дел од Мрежата за искуствено учењe на Македонското еколошко друштво, преку која ученици од целата земја се запознаваа со богатството на нашата природа и биодиверзитетот како и со научно-истражувачката работа на терен. Тресетиштата се витален природен екосистем во борбата против климатските промени и поплавите, тие покриваат помеѓу три до четири отсто од светската површина и складираат една третина од целиот јаглерод на почвата, што е двојно повеќе од дождовните шуми.

Од Македонското еколошко друштва велат дека во моментов не може да се знае дали реткото растение ќе успее после пожарите повторно да се појави на истата локација.

Муволовката ја има само во Малешевијата, освен на Јудовите ливади и на уште две локации, Еленско блато и Пехчевска река, но тоа се многу мали површини. Карактеристична е за Северна Европа и поинакви климатски услови, па заради тоа на Балканот е многу ретка и многу вредна, вели Деспина Китанова, биолог од МЕД.

Посочува дека сега треба да се види дали и колку може самиот хабитат да се обнови, бидејќи не се знае дали после пожарите останале или не некои витални единки. Китанова смета дека треба да се препознае вредноста на овој екосистем, да се воспостави мониторинг и да се следи состојбата, како и да се работи на негово обновување.

„Тресетиштата се ретки живеалишта во земјава, во нив има и други ретки растенија и инсекти, како мовови, ендемични пајаци и ретки вилински коњчиња. Треба да се гордееме дека ги имаме и да ги чуваме, не само заради разновидноста на биодверзитетот, туку и заради едукацијата и туризмот. Духовното, културното и природното богатство се еднакво важни како и економските вредности“, вели Китанова.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Деца со посебни потреби

Децата со посебни образовни потреби ги бараат своите асистенти, министерката ја префрла вината на директорите

Додека дел од родителите на децата со посебни потреби тврдат дека образовни асистенти сè уште …