Тим Волц

Трет ден на Демократската национална конвенција: Тим Волц официјално номиниран за потпретседателски кандидат

Волц – кој е познат по своите позитивни социјални политики во Минесота, каде тој е гувернер – беше топло примен. Во меѓувреме, продолжија про-палестинските протести пред салата во која се одржува конвенцијата

Вчера беше третиот ден на Демократската национална конвенција, односно најголемиот јавен собир на Демократската партија во САД.

Утре Камала Харис ќе биде официјално номинирана за претседателскиот кандидат на Демократската партија, а вчера официјално беше номиниран Тим Волц за кандидат за потпретседател на партијата, пренесува „Асошиејтед прес“.

Волц е гувернерот на Минесота и беше релативно непознат надвор од границите на својата држава пред кампањата на Харис да најави дека тој ќе биде потпретседателскиот кандидат. Во Минесота, Волц е познат по своите про-работнички социјални политики

Тој се поставува како „секојдневен Американец“ – во својот говор истакна дека пред да се кандидира за конгресмен тој бил професор во средно училиште, како и тренер по американски фудбал во истото училиште. Имено, публиката скандираше „Тренер Волц!“ кога тој се качи на сцена.

„Тука е сржта, во одговорноста што ја имаме кон нашите деца, едни кон други и кон иднината што ја градиме заедно, во која секој е слободен да изгради таков живот каков што сака. Но, не секој го има истото чувство за одговорност. Некои луѓе едноставно не разбираат што е потребно за да се биде добар сосед. Земете ги Доналд Трамп и ЏД Венс за пример“, рече Волц во својот говор.

Впечатливо беше и семејството на Волц, кое се прегрнуваше со насмевки и солзи на сцената.

На конвенцијата говореа и Ејми Клобучар, сенатор од Минесота која се кандидираше за претседател во 2020 година, Џош Шапиро, гувернерот на Пенсилванија за кој се сметаше дека има голема шанса да биде одбран за демократскиот потпретседателски кандидат, и Опра Винфри, позната ТВ-водителка, која во својот говор апелираше до сите неопределени гласачи да гласаат за Харис и Волц.

Истовремено, продолжија про-палестинските демонстрации кои се одржуваат секојдневно за време на конвенцијата пред салата во која се одржува, пренесува „Асошиејтед прес“. Вчера протестирале повеќе од 2.000 активисти.

„Зборот Палестина не е дозволен во Демократската национална конвенција. Зборот ‘примирје’ едвај е изустен. Станува збор крунисување на кандидат во холивудски стил. Тие мислат дека им следат нашите гласови на претседателските избори, дека имаат право на нашите гласови, но не се во право“, рече рабинот Брант Роузен, еден од основачите на хуманитарната организација Рабински совет на еврејскиот глас за мир.

Имено, на конвенцијата говореше мајка на еден од заложниците заробени од Хамас, но не се отстапи говорницата на ниту еден Палестинец – ни Рашида Тлаиб, популарната демократска конгресменка со палестинско потекло, не одржа никаков говор.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Најмалку 20 загинати во вториот бран експлозии на комуникациски уреди во Либан

Најмалку 20 загинати во вториот бран експлозии на комуникациски уреди во Либан

Најмалку 20 лица загинаа, а повеќе од 450 се повредени во вториот бран експлозии на …