Средба Лајчак-Вучиќ во Белград

Средба Лајчак-Вучиќ во Белград

Специјалниот претставник на Европската унија (ЕУ) за дијалог меѓу Косово и Србија, Мирослав Лајчак, се сретна со претседателот на Србија, Александар Вучиќ во Белград.

Како што најави претходно Лајчак, тој дојде во Белград за да ја подготви следната средба во рамките на дијалогот за нормализација на односите меѓу Србија и Косово.

Минатата недела од истата причина беше во Приштина.

За време на престојот во Приштина, Лајчак изјави дека е постигнат договор за нова рунда дијалог меѓу главните преговарачи на Белград и Приштина, Петар Петковиќ и Бесник Бисљими, но не сакаше да каже кога ќе се одржи таа средба.

Лајчак тогаш потврди дека Србија го повлекла писмото испратено до Брисел минатата година, во кое изразува резервираност во однос на Договорот за патот кон нормализација со Косово и неговиот анекс за спроведување.

Тогашната премиерка на Србија, Ана Брнабиќ, тоа писмо го испратила до ЕУ во декември минатата година. Во тоа писмо Брнабиќ наведува дека Договорот „се смета за прифатлив само во контекст кој не се однесува на де факто и де јуре признавањето на Косово“.

Охридскиот договор од 11 члена, меѓу другото, предвидува и ниво на самоуправа на српската заедница на Косово и меѓусебно признавање на државните симболи, а Приштина и Белград се обврзани да ги спроведат сите досегашни договори постигнати во текот на дијалогот.

Србија и Косово се во преговори од 2011 година, но малку од постигнатите договори се спроведени.

Извор: РСЕ

Прочитајте повеќе

Вучиќ ги претстави барањата на Србија во однос на Косово

Вучиќ ги претстави барањата на Србија во однос на Косово

Распишување локални избори на северот на Косово, враќање на Србите во косовската полиција и судство …