Додека бебиња умираат, нема ни пари, ни мерки за загадениот воздух

Додека бебиња умираат, нема ни пари, ни мерки за загадениот воздух

Идни мајки се шокирани од податокот дека секој деветти смртен случај кај новороденчиња во Северна Македонија е заради загаден воздух, велат за РСЕ. Државата со години е на европскиот врв по загаден воздух, но за животна средина се издвојуваат само 0,8 отсто од буџетот. Скопје беше меѓу десетте најзагадени градови во светот, но единствената мерка е бесплатен јавен превоз кога воздухот е најзагаден

„Минатата година имав несакана ситуација, изгубив бебе. Не велам дека е од воздухот, но веројатно се има влијание: воздухот, почвата и храната што ја јадеме, се е подложно на загадување“.

Ова се зборови на скопјанката Аделина Диздаревиќ која живее во Ново Лисиче, една од најзагадените населби во Скопје.

Сега во шестиот месец од бременоста, таа очекува да се породи среде претстојната зима, во почетокот на јануари, кога квалитетот на воздухот во главниот град на Северна Македонија е на најлошо ниво.

Во пресрет на зимата, Диздаревиќ е вознемирена од новата алармантна статистика што ја објави УНИЦЕФ минатата недела.

„Секој деветти смртен случај кај новороденчињата во Северна Македонија е поврзан со загаден воздух“, објави агенцијата на Обединетите нации.
Овие бројки за младата мајка се вџашувачки. Таа сега се потпира на природни додатоци за бременост што ги купува од странство и се обидува да избега од смогот шетајќи по планини, особено во зима.

„Направив промени за поздрав начин на живот, но вистинското прашање е колку можеме навистина да се заштитиме?“ вели Диздаревиќ за Радио Слободна Европа.

Со концентрации кои во континуитет го загрозуваат здравјето на граѓаните, Северна Македонија со години е рангирана на врвот меѓу земјите со најзагаден воздух во Европа.

Официјалните податоци на државниот мониторинг секоја година покажуваат дека градовите како Скопје, Битола и Тетово имаат високи концентрации на ПМ2,5 и ПМ10 честички, особено во зимските месеци.

Во февруари 2024 година, Скопје повторно се најде меѓу првите десет најзагадени градови во светот, а просечните нивоа на ПМ10 или ПМ2,5 честички ги надминуваат дозволените граници повеќе од 100 дена во годината.

Загадениот воздух пробива до фетусот

Ни утробата на мајката не може да го заштити фетусот од загадените честички, велат гинеколозите. Од тоа стравува и скопјанката Валентина С., жителка на скопската општина Аеродром, која е во петтиот месец од бременоста.

„Месеците пред нас ме плашат, кога ќе се сетам на маглата и смогот што нѐ чека. Уште полошо ќе биде од февруари, кога треба да се породам. Купивме уште еден прочистувач за воздух за да го „покрие“ цел стан. Освен да седам дома кога е загадено, нема што друго да преземам. Не сум убедена дека и со тоа ќе го заштитам здравјето на бебето“, вели Валентина.

Загадениот воздух, преку мајката, ја поминува плаценталната бариера и оди кај плодот, објаснува д-р Душко Филиповски, претседател на Здружението на приватни гинеколози.

„Ние можеме да зборуваме за прошетки, за прочистувачи дома, но со такви совети, еве до кај стигнавме. Што ќе правиме со пациентките кои 90 отсто од времето го поминуваат во урбана средина? Не може некој цело време да биде на Водно. Загадувањето е глобален проблем, државата треба да се зафати да се намали емисијата на тие честици“, изјави Филиповски за РСЕ.

Д-р Оливер Зафировски, пулмолог, кој над 30 години работеше на Клиниката за респираторни заболувања кај децата „Козле“, го истакнува негативното влијание на вкупното загадување. Тоа е присуството на сè поголеми загадувачи во воздухот како сулфур диоксид и јаглерод диоксид.

„Загадени се воздухот, почвата, водата и храната. Сето тоа има негативно влијание уште во бременоста и е директен ризик фактор за новороденчињата“, вели д-р Зафировски.

Луѓе умираат, мерки нема

Институтот за јавно здравје(ИЈЗ) на почетокот на 2024 година објави извештај „Аерозагадувањето во Р.С. Македонија и ризици по здравјето“, според кој речиси 18 отсто од вкупната смртност во Северна Македонија можат да се препишат на изложеноста на тековните концентрации на ПМ2.5 честички.

Тоа е речиси 18 отсто од вкупната смртност во државата.

„Иако трендот на суспендираните честички (РМ10 и РМ2.5) е опаѓачки во последниве години, сепак е далеку над граничните вредности одредени од Светската здравствена организација кои се базирани за заштита на здравјето на луѓето. Прогнозите не се многу оптимистички доколку не се преземе нешто конкретно, долгорочно и одржливо“, вели проф.д-р Мирјана Димовска од Институтот за јавно здравје.

Според неа, најдобра заштита е превенцијата во сите области, односно намалување на емисиите на штетни материи во воздухот од сите извори, покрај мерките што секој лично ги презема за да се заштити.

Димовска смета дека акцентот на мерките треба да се стави на најранливите, поради што и многу земји воведуваат т.н. pollution-free зони околу училишта, детски градинки, болници, домови за стари лица..

„За да имате добра превенција, треба да имате добар буџет за животна средина и здравство, сериозна посветеност и континуитет, со што ние засега не можеме да се пофалиме ниту како систем, ниту како граѓани“, вели Димовска за РСЕ.

Градови со најголемо загадување се Скопје, Тетово и Битола, каде мерните станици често покажуваат високи концентрации на честичките PM2,5 кои се меѓу најопасните загадувачи.

Сепак, бројни анализи и упатени во проблемот укажуваат дека воздухот е загаден речиси во секое населено место, со концентрации на ПМ2,5 и други загадувачки материи кои редовно ги надминуваат нивоата поставени од ЕУ и Светската здравствена организација.

Инфографика - Предвремена смртност од ПМ2,5 честички
Инфографика – Предвремена смртност од ПМ2,5 честички

Последните податоци на Европската агенција за животна (ЕЕА) средина покажуваат дека загадениот воздух е причина за над 5.000 предвремени смртни случаи во Северна Македонија.

Активистот Горјан Јовановски од иницијативата „Зелен Хуман Град“ кој е и советник во Град Скопје, стравува дека овие податоци не ги вклучуваат новороденчињата.

„Податокот е застрашувачки, но за жал не претставува некое големо изненадување. Ние активистите со години протестираме и зборуваме дека аерозагадувањето убива и млади и стари, и дека никој не е поштеден од него“, вели Јовановски.

Колку овие податоци се алармантни за властите покажуваат парите што државата ги издвојува годишно од буџетот – само 0,8 отсто за животна средина.

Нема координираност меѓу институциите и општините, ниту конкретни мерки кои ќе го намалат аерозагадувањето, вели Татјана Чукалев од еколошката организација „О2 Иницијатива“.

„И буџетот за нивно спроведување исто го нема. Дали и кога нашите власти сериозно ќе се заземат за решавање на ова прашање кое чини животи, останува да чекаме и да го вршиме нашиот притисок за да почнат да го спроведуваат она што со години од нив се бара“, вели Чукалев.

Загриженоста се зголемува особено во пресрет на зимската сезона кога загадениот воздух станува „видлив“ поради греењето на домаќинствата, емисиите на штетни гасови од транспортот и индустриските активности, урбанизацијата…

За властите воздухот не е приоритет

Но, податоците за високата смртност не ги загрижуваат ниту властите во Град Скопје, каде Јовановски вели дека моменталното раководство воопшто не го гледа воздухот како приоритет, ниту како некој голем проблем.

„Имам чувство дека градоначалничката и секторот за животна средина веруваат дека дишат поразличен воздух од сите нас, па едноставно не чувствуваат одговорност дека треба максимално да се посветат на овој проблем што не е ниту политички, ниту етнички, ниту културолошки, туку смртоносен проблем што убива се на неговиот пат“, вели Јовановски.

Иако само во Скопје има над 100 институции кои користат нафта и мазут за греење според податоците на граѓанската инцијатива „Шанса за Центар“, советниците на Град Скопје на 30 август дадоа негативно мислење за мерката за замена на системите за греење на јавните објекти кои користат нафта и мазут предложена од Климатското собрание на Скопје.

Мерката беше меѓу 19 предлози за намалување на аерозагадувањето на Климатското собрание составено од 65 граѓани кои мерките ги изработија со помош од експерти и ги доставија до централната и локалната власт.

Меѓу другите мерки беа подобрување и проширување на велосипедската мрежа во Скопје, поставување на мерни инструменти за 24 часовен надзор на големата индустрија во градот, целосно покривање на јавните објекти со енергетско ефикасни фасади, проширување и целосно искористување на капацитетот на централниот систем за топлинска енергија, реактивирање на проектот за изнајмување на велосипеди и друго.

Наместо тоа, советот на Град Скопје изгласа Програма за заштита на животната средина, за која од Зелен Хуман Град велат дека има само една мерка за намалувањето на аерозагадувањето, а тоа е бесплатен јавен превоз кога е многу загаден воздухот.

„Градот не прифати ниту една мерка со образложение дека на дел веќе „работи“, а останатото не е под негова надлежност и нема да мрднат со прст за случајно да направат заедничка соработка со другите институции“, вели Јовановски.

Загадениот воздух никако да стане државен интерес

Проблемот со загадениот воздух беше дискутиран и на седница на Советот за безбедност во 2019 година, но подобрување нема. Според Чукалев, тоа и не може да се очекува се додека прашањето не стане државен интерес и приоритет на секоја влада, без оглед која партија е на власт.

И додека се чека на мерки, неизвесно е кога ќе се промени системот на загревање на стотиците јавни објекти кои се затоплуваат на нафта и мазут, а властите постојано го вперуваат прстот во затоплување од домаќинствата.

Освен Скопје, Шанса за Центар мапираа 40 јавни згради во Битола кои користат мазут и нафта, а иста бројка има и во Штип. Во Прилеп, Охрид и Тетово има по 30 институции на мазут и нафта.

Јавноста очајно бара, но впечатокот е дека соодветен одговор од властите нема, ниту чувство за итност на реакциите на граѓаните, како оние од скопските населби Лисиче и Аеродром кои постојано бараат кој е надлежен да го запре горењето на отпад на брегот на Вардар и да утврди кој поединци загрозуваат здравје на илјадници луѓе за личен профит.

Јавноста нема доверба ниту дека државата прави соодветна контрола на емисиите на големата индустрија во Скопје (УСЈЕ, (Железара, Макстил и други; Битола (РЕК Битола) и на ниво на цела држава, како и на помалите индустриски капацитети.

Владата досега не најави дали ќе преземе мерки против очекуваното загадување на воздухот претстојната зима.

Извор: РСЕ

Прочитајте повеќе

Секретаријатот за родова еднаквост заборавен, ниту еден сигнал од власта на РСМ

Секретаријатот за родова еднаквост заборавен, ниту еден сигнал од власта на РСМ

Работата за предлог законот за родова еднаквост, врз основа на кој е предвиден овој секретаријат, …