Најмалку 51 загинат по експлозија во рудник за јаглен во Иран

Најмалку 51 загинат по експлозија во рудник за јаглен во Иран

Најмалку 51 лице загина, а 20 се повредени во експлозија во рудник за јаглен во источен Иран, јавуваат иранските медиуми.

Иранската државна телевизија соопшти дека истекување на метан ја предизвикало експлозијата доцна на 21 септември во рудникот во Табас, околу 540 километри југоисточно од главниот град Техеран. Се верува дека 24 рудари биле заробени внатре.

Во моментот на експлозијата таму работеле околу 70 луѓе.

Новиот реформски претседател на Иран Масуд Пезешкијан, подготвувајќи се да отпатува во Њујорк на Генералното собрание на ОН, рече дека наредил да се направат сите напори за спасување на заробените и за помош на нивните семејства.

Тој исто така рече дека е започната истрага за инцидентот.

Несреќата била предизвикана од експлозија на гас метан во блоковите Б и Ц на рудникот, кој го води компанијата Маданџу, објавија подоцна државните медиуми.

„Седумдесет и шест отсто од јагленот во земјата се обезбедува од овој регион и околу осум до 10 големи компании работат во регионот, вклучувајќи ја и компанијата Маданџу“, изјави гувернерот на провинцијата Јужен Хорасан, Али Акбар Рахими за државната телевизија на 22 септември.

Претходно државната телевизија објави снимка од амбулантни возила и хеликоптери кои пристигнуваат на местото на инцидентот за да ги пренесат повредените во болниците.

Иранската Црвена полумесечина соопшти дека во рудникот се во тек операции за пребарување и спасување.

„Акумулацијата на гас во рудникот“ ги отежна операциите за пребарување, изјави локалниот обвинител Али Несаеи, цитиран од ИРНА.

„Во моментов приоритет е да се пружи помош на повредените и да се извлечат луѓето од под урнатините“, рече Несаеи.

Тој додаде дека „небрежноста и вината на релевантните агенти ќе се решаваат подоцна“.

Ова не е прва катастрофа што ја погоди иранската рударска индустрија.

Минатата година, во експлозија во рудник за јаглен во северниот град Дамган загинаа шест лица, исто така најверојатно резултат на метан, според локалните медиуми.

Извор: РСЕ

Прочитајте повеќе

Аргентинскиот суд нареди апсење на Мадуро за злосторства против човештвото

Аргентинскиот суд нареди апсење на Мадуро за злосторства против човештвото

Аргентински суд вчера нареди апсење на голем број владини претставници на Венецуела, вклучително и претседателот …