Медицинско училиште Прилеп 1

СДСМ Прилеп: Неспособноста на локалната власт, остави 320 средношколци надвор од училишните клупи

Прес-конференција на Моника Грашеска – Илиеска, координаторка на советничката група на СДСМ и Коалицијата

Еден месец од почетокот на новата школска година, а 320 ученици од населените места кои посетуваат настава во прилепските средни училишта и натаму се оставени без превоз.

Неспособноста на општинските власти навремено да го распишат и реализираат тендерот за бесплатен школски превоз, ги остави средношколците од руралните средини без можност да ја следат наставата.

Единствената алтернатива која ја имаат родителите да го спречат исклучувањето на нивните деца од училиште заради многуте изостаноци, е превозот до училиштето и назад да го платат од сопствениот џеб.

Имаат ли претстава градоначалникот Јовчески и директорите на средните училишта колку тоа кошта? Знаат ли дека станува збор за голема сума на пари, која родителите на средношколците не се во можност да ја обезбедат?

Членот 22 од Законот за локална самоуправа точно ја дефинира надлежноста на Општините и нивната обврска по однос на организирање превоз на учениците. Кога е веќе јасно дека заради тендерот кој е во тек, превоз нема да има најрано до 15-ти октомври, се наметнуваат многу прашања чии одговори прилепската локална власт им ги должи на учениците, нивните родители, но и на пошироката јавност:

  • Зошто превозот за ученици не е навремено организиран, кога се знае дека учебната година започнува на 1 септември?
  • Кој ќе понесе одговорност за необезбедениот превоз?
  • Како ќе бидат надополнети изгубените часови?
  • Како се евидентираат изгубените часови во дневниците?
  • Дали ќе бидат казнети родителите кои не се во можност да ги носат децата на настава?
  • Зошто општинскиот инспектор за образование не ја констатира состојбата и одговорноста на Општина Прилеп за необезбедениот превоз?
  • Што ако повторно и после 15-ти октомври не биде избран превозник?

Многу прашања, ниту еден одговор. Жив срам и резил! И сето тоа заради неспособната власт на ДПМНЕ, која не ја бидува да ги спроведе ниту законите кои сама ги донела.

Да потсетиме дека во 2007 година, тогашната Влада на ВМРО-ДПМНЕ донесе закон со кој средното образование стана задолжително за сите граѓани.

Прочитајте повеќе

Многу жртви во поплавите во Босна и Херцеговина

Многу жртви во поплавите во Босна и Херцеговина

Во катастрофалните поплави кои погодија делови од Босна и Херцеговина загинаа најмалку 20 луѓе, а неколку десетици се …