Алтернативата за Германија (АфД) во Тирингија, според прелиминарните резултати за прв пат успеа да освои мнозинство во сојузна покраина. АфД е најсилната партија во Тирингија со 32,8 отсто од освоените гласови. ЦДУ постигна 23,6 отсто, Алијансата Сара Вангенкнехт 15, 8 проценти, Левицата на премиерот Рамелов 13,1 отсто, СПД 6,1 отсто, а Зелените не влегоа во парламентот.
Парламентот во Тирингија има 88 места, за мнозинство се потребни 45 места. Според досегашните резултати, распределбата на мандатите би изгледала вака: АфД – 32, ЦДУ – 23, БСВ – 15, Левица- 12 и СПД – 6.
Тирингија е првата сојузна покраина во која АфД, и покрај фактот што огранокот на партијата во оваа сојузна покраина е класифициран како екстремно десничарски, освои мнозинство места во покраинскиот парламент.
Според прелиминарните резултати, во сојузната покраина Саксонија ЦДУ е на прво место со 31,9 проценти, малку пред АфД, која има 30,6 отсто од гласовите. На трето место е Алијансата Сара Вагенкнехт (БСВ) со 11,8 отсто. СПД во парламентот влегува со 7,3 отсто, а Зелените 5,1 отсто. Левица освои 4,5 отсто од гласовите.
Парламентот во Саксонија има 120 места, за мнозинство се потребни 61 место. Според досегашните резултати, распределбата на мандатите би изгледала вака: ЦДУ – 42, АфД – 40, БСВ – 15, СПД – 10, Зелените – 7 и Левица – 6 (се претпоставува дека ќе влезат во парламентот врз основа на директни мандати).
Главна тема на изборите во двете сојузни покраини беше прашањето за намалување на миграцијата и натамошната помош за Украина. И двете партии, АфД и БСВ, кои забележаа најголеми придобивки во популарноста, се залагаат за силно ограничување на воената помош за Украина и намалување на миграцијата.
На крајот на септември се одржуваат избори за локалниот парламент во источногерманската сојузна покраина Бранденбург, каде се очекува да се зголеми и популарноста на АфД и БСВ.