Деца

Децата и адолесцентите треба да имаат 1 час дневно физичка активност, препорачува СЗО

Младите треба да го ограничат седењето, посебно пред екраните, препорачува СЗО

Децата и адолесцентите (од 5 до 17 години) треба секој ден да практикуваат најмалку еден час дневно физичка активност (аеробна) со умерен или висок интензитет, препорачува Светската здравствена организација (СЗО), а пренесува Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).

„Долготрајното седење кај децата и адолесцентите е поврзано со зголемено ниво на масти, влошено кардиометаболно здравје и физичка кондиција, нарушувања во однесувањето и социјалната интеракција, како и намалено времетраење на спиењето. Затоа младите треба да го ограничат седењето, посебно пред екраните“, пишува во објавата на ИЈЗ.

Придобивките од физичката активност се подобрена физичка кондиција (кардиореспираторна и мускулна), подобрено кардиометаболно здравје (крвен притисок, нивоа на масти, глукоза и инсулинска чувствителност), намалено количество телесни масти, посилни коски, подобри когнитивни резултати (академски успех, извршни функции) и ментална благосостојба (намалени симптоми на депресија).

„Било форма на физичка активност ќе има позитивен ефект врз нивното здравје. Децата и адолесцентите треба да започнат со помал степен на физичка активност и со текот на времето постепено да ја зголемуваат фреквенцијата, интензитетот и времетраењето. Важно е на сите деца и адолесценти да им се обезбедат безбедни и праведни можности за учество во физички активности што се забавни, разновидни и соодветни за нивната возраст и способности“, се наведува во препораките од СЗО.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

поточиња 2024

ПОТОЧИЊА со аудиција за нови членови од 11 до 13 септември

За сите дечиња, кои се можеби идните музички ѕвезди на мини-детската естрада, можеби најомилените делови …