ДПИ: Трговците вадат нови производи за да ја „прескокнат“ одлуката за маржите

ДПИ: Трговците вадат нови производи за да ја „прескокнат“ одлуката за маржите

Маркетите за многу краток период извадија нови производи само за да ја избегнат Одлуката за ограничување на маржите. Се обидуваат на секаков начин да го заобиколат законот и да остварат профит. Имаат празни рафтови и не се снабдени доволно со производите опфатени со Одлуката. Вршат и големи притисоци врз добавувачите. Oва го изјави директорот на Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) Горан Трајковски, на прес-конференција денеска (5 октомври) и најави строги казни.

Тој нагласи дека екипите на ДПИ се секојдневно на терен и вршат контроли и објасни дека маркетите на купувачите не им ги нудат оние пакувања кои претходно ги имало и кои се опфатени со Одлуката за маржите, туку некои други, со помала грамажа.

„И денеска имаме екипи на терен, а за грамажата ќе се консултираме и со АХВ. Ќе постапуваме најригорозно, зашто навистина има обиди да се заобиколат законите. Не велам дека не треба да има 194-грамско кафе. Во Одлуката е опфатено 200-грамското, нека има и од 194, но мора да го има и тоа од 200 грама. Освен кај кафето и кај киселото млеко наоѓаме 300 грамско пакување, иако со Одлуката е опфатено 400-грамско. Можно е ваквите производи да се запленат“, рече првиот човек на ДПИ.

Од донесувањето на Одлуката за ограничувањето на маржата до 10 отсто ДПИ извршил преку 500 надзори кај над 73 категории производи и издал над 30 прекршочни платни налози во вредност од над 4,3 милиони денари.

Со Одлуката на Владата за посебни услови за трговијата на одделни стоки се врши ограничување на профитните маржи до 10 отсто на 73 основни прехранбени производи, поради што се очекуваше нивните цени да се намалат за 10 отсто.

Оваа одлука Владата ја донесе на вонредна седница на 20 септември.

Извор: РСЕ

Прочитајте повеќе

СДСМ: 100 дена Влада а 300 скандали, најмногу во МВР

СДСМ: 100 дена Влада а 300 скандали, најмногу во МВР

Прес-конференција на Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ Почитувани, Оваа Влада е влада која има продуцирано …