Finance Think: Во првиот квартал од 2024 година БДП зголемен за 1.2 отсто

Finance Think: Во првиот квартал од 2024 година БДП зголемен за 1.2 отсто

Finance Think го публикуваше Макроекономскиот монитор за квартал 1, 2024 година.
Во првиот квартал од 2024, БДП се зголеми за 1.2% на годишна основа, задржувајќи ја потиснатата економска динамика од 2023. Релативно воздржаната економска активност е резултат на две главни тенденции. Од една страна, извозот забележа релативно голем пад од 7.8%, подлабок од тој во 2023. Од друга страна, приватната потрошувачка, која сочинува доминантен дел од БДП, порасна за 2%, што претставува солиден раст кој го одразува високиот реален раст на платите (12.9%), иако под просекот од претходната година. Најголем раст во овој квартал забележуваат бруто инвестициите од 23.6%, што е значајно заздравување по негативните стапки во 2023, а резултат на инвестициите во машини и новата акумулација на залихи. На производната страна, растот во првиот квартал е целосно создаден од услужниот сектор (4.4%), додека земјоделството (-19.7%), индустријата (-1.2%) и градежништвото (-2.5%), сите забележаа значајни падови, поголеми од тие во претходниот квартал.
Воздржаноста на економската активност посебно се забележува кај движењата на пазарот на трудот. Во првиот квартал од 2024, невработеноста незначително се намали на 12.9% (од 13% во претходниот квартал). Вработеноста и неактивноста благо се намалија на 45.4% (од 45.5% во претходниот квартал), односно на 52.1% (од претходните 52.2%). Обесхрабрувањето во барањето работа и пасивизацијата на работната сила започнаа уште во текот на пандемијата и оваа тенденција опстојува до денес.
Во првиот квартал од 2024, инфлацијата остана на нивото од претходниот квартал, 3.4% на годишна основа. Спласнатите глобални притисоци кај храната и енергијата и сe’ уште замрзнатите цени на избрани прехранбени производи во дел од овој квартал, како и забавувањето на преносот на инфлациските притисоци врз пошироката потрошувачка кошничка овозможија забавување на растот на цените уште кон крајот на 2023 година, но во овој квартал, притисокот не се намали понатамошно, во значаен дел поради преостанати варијации кај цените на храната.
Благи позитивни поместувања од сегашната воздржаност во економијата се очекуваат во втората половина од 2024 година. Изгледите во поглед на инфлацијата остануваат поволни, но зависат од се’ уште присутни критични фактори. Finance Think ги задржува претходните проекции за раст на БДП во 2024 од 2.7% и за раст на цените од 3.8%.

Прочитајте повеќе

Контраспин: „Стариот оркестар“ ги погребува вистината и фактите

Контраспин: „Стариот оркестар“ ги погребува вистината и фактите

Претседателот на партијата Македонска Акција (МААК), Страшо Ангеловски, во својата редовна колумна за Денешен.мк со наслов „’Диригентот’ …