Германските избори и кризата на (социјалната) демократија

Германските избори и кризата на (социјалната) демократија

Со очекуваниот крај на мандатот на Олаф Шолц не завршува неговата, туку завршува ерата на Ангела Меркел. Сега почнува борбата за спас на демократијата и центризмот во Германија и во Европа. Пишува Александар Спасов

 

Сепак, овие процеси колку и да се распространети низ Европа, во Германија имаат и поинаква и поголема важност. Првенствено поради трагичната историја на нацизмот и неговите злодела, но и поради тоа што Германија е најбројната, економски најразвиената и политички една од двете најзначајни земји во Европската Унија. Токму затоа, дури и покраинските избори имаат многу поголемо суштинско значење од нивната формална важност. Тие се почеток на тектонски придвижувања во политиката на целата држава, но и во европската политика. Штом и во Германија се случи „новата нормалност“ во Европа, тогаш дефинитивно можеме да заклучиме дека либералната демократија е во толку голема криза во Европа, така што единствениот начин за спас на демократија е повторно обмислување на демократскиот систем бидејќи стариот систем не може да се врати со поранешната моќ.

Од 1929 до 2024

Но, зошто е важно да се потсетиме на значењето на просторот на поранешна Источна Германија и на Тирингија за развојот на антидемократските и тоталитарни политички сили? Прво, Тирингија е една од првите покраини каде што нацистите уште во 1929 година, скоро четири години пред преземањето на целосната власт во 1933 година, доаѓаат на власт односно, може да се каже дека токму од Тирингија нацистите го почнаа походот за освојување на тоталната власт. Второ, Источна Германија беше окупациската зона на поранешниот СССР согласно договорот од Конференцијата на победничките сили во Потсдам, непосредно по завршувањето на Втората Светска Војна. Иако, во почетокот, Советите немаа намера да создаваат држава на окупираната територија, сепак, создавањето на Сојузна Република Германија (Западна Германија) со согласност од страна на западните сојузници во 1949 година ги поттикна Советите и тие да создадат држава. Оваа држава, иако во подоцнежна фаза ќе стане полноправен член на меѓународната заедница со нејзиното признавање и членство во ОН, во основа настана и остана сателитска творба на Советите. Согласно тоа и системот кој владееше беше целосна копија на советскиот болшевизам со сите елементи на болшевичката диктатура: еднопартиско владеење на т.н. Социјалистичката партија на единството (СЕД), планска економија и семоќна тајна полиција позната по кратенката ШТАЗИ, којашто имаше најголем број на „информатори“ по глава на жител споредено дури и со најригидните комунистички диктатури.

Повторното обединување во октомври 1990 година, коешто следеше после падот на Берлинскиот ѕид во ноември 1989 година, имаше за цел да создаде една држава за истиот народ кој со децении живееше во два целосно различни политички и економски системи. Познатата реченица „сега заедно расте тоа што заедно припаѓа“ кажана во времето на обединувањето од легендарниот германски канцелар, социјалдемократ и градоначалник на западен Берлин во времето на подигнувањето на ѕидот во 1961 година, Вили Брант стана девиза на долгиот процес на „изедначување“ на двете германски општества со цел да се изгради единствено германско општество на демократија, солидарност, почитување и заштита на човековите права и слободи, социјална пазарна економија и интеграција во европското семејство. За постигнување на оваа цел западниот дел од обединетата држава вложи милијарди поранешни германски марки, а подоцна и евра, а беа формирани и институции чија што основна задача беше токму градењето на кохезијата помеѓу двата дела на државата после формалното обединување.

Потопот на СПД

Но, во неделата, за прв пат, во повоената германска историја, односно после нацизмот, токму во поранешниот Исток се случи победа на популистички и, во основа, антидемократски партии. Во Тирингија недвосмислена победа постигна деснорадикалната партија Алтернатива за Германија (АфД), партија чиј огранок токму во Тирингија е прогласен за екстремен, а нивниот лидер Бјорн Хаке заедно со огранокот е службено под надзор на германската внатрешна служба за безбедност, која што се грижи за чување на уставниот поредок. Во Саксонија, оваа партија заостанува само околу еден процент зад големата Христијанско демократска унија (ЦДУ) и може да се каже дека таму нема јасен победник, односно имаме изедначен резултат.

Втор голем победник на овие избори е „Движењето Сара Вагенкнехт“ (БСВ), левопопулистичка и антилиберална партија кое настана од „ништо“, односно се оддели од партијата Левица и за кратко време ги презема гласачите на оваа крајно лева партија и доби поддршка од нови гласачи.

Партиите од владејачката коалиција Социјадемократската партија на Германија (СПД), Зелените и Слободната демократска партија (ФДП) доживеаја изборен дебакл, при што СПД, од една од двете големи „народни партии“ на сојузно ниво доживеа едноцифрена поддршка како четврта, односно петта партија, Зелените се бореа да го поминат изборниот праг за да влезат во покраинскиот парламент во Саксонија, а Либералите буквално ги снема.

Иако номинално се партии на сосема спротивни политички полови односно крајно десно и крајно лево, АфД и БСВ имаат многу заеднички карактеристики. И двете партии се борат да го срушат поредокот кој тие го нарекуваат „глобалистички“ и поредок на „естаблишментот“. И двете партии се блиски до политиката на рускиот претседател Путин и бараат да запре помошта за Украина. Понатаму, нивниот приод кон уставното право на азил, бегалците и, генерално, миграцијата е многу сличен, со тоа што расизмот кај АфД станува отворен, додека кај БСВ тој е прикриен зад „принципиелните“ приговори во однос на политиките на „мејнстрим” партиите. И двете партии заедно имаат поддршка од 45% во Тирингија односно 40% во Саксонија од гласачите кои гласале, така што може да се констатира дека голем дел од гласачите, а во Тирингија скоро апсолутното мнозинство, не верува во етаблираните народни партии и, генерално, во системот. Уште поиндикативни се бројките кај младите гласачи од 18 до 24 годишна возраст. Во Саксонија 30% од младите гласачи ја поддржале АфД, а 10% ја продржале БСВ. Во Тирингија дури 38% од младите гласачи ја поддржале АфД, а 12% БСВ. И во двете покраини е јасно дека овие две популистички партии се апсолутни победници кај младите гласачи. Ако се земе во предвид и солидната поддршка која овие партии ја имаат кај гласачите над 60 години, тогаш можеме да заклучиме дека најстарите и најмладите гласачи се најмногу разочарани од постоечкиот политички пејсаж.

Бранденбург е следната мета

Во следниот период следат избори и во покраината Бранденбург, уште една од поранешните источни покраини, а следната година и сојузните избори. И додека во Бранденбург може да се очекува реприза на резултатите од минатонеделните избори, во западните покраини БСВ е безначајна политичка партија, но АфД иако со значително послаба поддршка, сепак, е или втора и трета политичка сила. Имајќи предвид дека на сите актуелни анкети на сојузно ниво АфД е втора партија со значителни околу десет проценти помалку од коалицијата ЦДУ/ЦСУ, но со предност пред владејачката СПД, тогаш е јасно дека независно од тоа дали после следните избори ЦДУ ќе се обиде да состави влада со своите традиционални партнери ФДП или ќе бидат принудени да создаваат т.н. голема коалиција во која би влегла и СПД, АфД имаат големи шанси да се позиционираат како најголема опозициска партија на сојузно ниво. Статус кој носи голема опасност за германската политика.

Имено, веќе сега, ЦДУ и ЦСУ се оддалечуваат од центарот кон десно во обид да ги привлечат десните гласачи кои ја поддржуваат АфД. Оваа тенденција става крај на доминантниот центризам кон лево или кон десно кој беше карактеристичен за целата повоена историја и кој обезбедуваше стабилност и раст. СПД се толку ослабени што ни оддалеку не се во состојба да го спасат центризмот, а нивното евентуално свртување в лево ќе им нанесе повеќе штета отколку корист бидејќи успехот на социјалдемократијата беше токму во напуштањето на револуционерните аспирации и трансформација на системот во социјална пазарна економија и држава на благосостојбата. Зелените очигледно го изгубија моментот во сегашната влада, а Либералите лесно ќе се свртат кон десно задржувајќи го единствено либерализмот во економските политики.

На тој начин Германија влегува во голема криза на либералниот центристички демократски поредок во кој токму крахот на социјалдемократијата може да биде основа за опасен развој на настаните. Но, тоа ќе го покаже иднината. Засега е јасно дека канцеларот Шолц наместо да започне нова политичка ера, всушност, го одработи последниот мандат на клучната фигура на современиот германски центризам, поранешната канцеларка Ангела Меркел. Со очекуваниот крај на мандатот на Шолц не завршува неговата ера туку завршува ерата на Меркел, канцеларката која еволуираше од христијанска демократка во христијанска социјалистка и, покрај Аденауер и Шмит, во еден момент стана фигура околу која сите се обединија. Но, на таа ера и доаѓа крајот. Сега почнува борбата за спас на демократијата и центризмот во Германија и во Европа.

Извор: DW

Прочитајте повеќе

Најмалку осум загинати во поплавите во Европа

Најмалку осум загинати во поплавите во Европа

Бројот на загинати во поплавите во централна Европа вчера се искачи на осум, откако илјадници …