Ковачевски: Со реконструкцијата на старото училиште во Љубојно покажуваме грижа за македонската култура, јазик и идентитет

Ковачевски: Со реконструкцијата на старото училиште во Љубојно покажуваме грижа за македонската култура, јазик и идентитет

Изјава на премиерот Димитар Ковачевски по повод реконструкција и ревитализација на старото училиште „Димитар Влахов“ во село Љубојно-Преспа

„Ќе се послужам со зборовите на големиот Конески и ќе кажам ‘Се додека го чуваме, го негуваме, го вардиме, го гледаме јазикот наш македонски, ќе можеме да сметаме дека ја имаме и татковината. Како куќа, како дом, како огниште’.

И ова Старо училиште во Љубојно, вековно огниште на употребата на македонскиот јазик, второ училиште во државава, каде по Втората светска војна започнува настава на македонски јазик, ја потврдува констатацијата на нашиот јазичен визионер Блаже Конески, но и вербата на Кочо Рацин, Славко Јаневски, Ацо Шопов и низа други автори – дека активната употреба на македонскиот јазик е неговата најголема промоција.

Тоа го знаеле и македонските учители кои образувале низа генерации на македонски, мајчин јазик.

Го знаеме и ние денес.

И затоа сме овде.

Владата ја донесе одлуката и Министерството за култура веќе започна дејствија за реконструкција и ревитализација на објектот на Старото училиште тука во Љубојно и негова адаптација во Центар за промоција на македонскиот јазик.

Со грижата за овие објекти, коишто се дел од нашето јазично и културно наследство, ја испраќаме пораката дека оваа Влада се определи за заштита и афирмација на македонскиот јазик дома и во светот.

И продолжуваме во таа насока, со што го штитиме и афирмираме и нашиот посебен македонски национален идентитет.

Денес јасно и гласно, во официјални изјави на европските лидери и на претставници на меѓународната заедница се употребува терминот „македонски јазик“.

Македонскиот јазик е рамноправно застапен, заедно со сите други европски јазици, во Европската Унија, по неговото официјализирање во Обединетите Нации.

Прв доказ за тоа е договорот со ФРОНТЕКС на македонски јазик.

А и целокупното европско законодавство веќе се подготвува да се преведе и на македонски јазик.

Во овој преспански крај, кога го потпишавме договорот со којшто се осигуравме да станеме членка на НАТО, со што ги осигуравме и територијалните граници на нашата татковина, се обврзавме на целосна заштита и на македонскиот јазик и на нашиот посебен македонски идентитет. И денес за сите е јасно дека ние го исполнуваме ветеното.

Како Влада, активно продолжуваме со посветеност кон нашето историско и културно наследство што нè дефинира и нè определува како народ и како држава.

Од преспанско Љубојно, денеска одиме и во ресенското село Курбиново, каде што се наоѓа еден од најзначајните споменици на културата, манастирската црква „Св. Ѓорѓи“, позната по најстарото сочувано ѕидно сликарство и несекојдневен пример на византиската уметност од крајот на XII век. Таму се реализирани неколку проекти за заштита и конзервација со што активно се работи на зачувување на ова огромно наше културно богатство.

Црквата „Св. Ѓорѓи“ во Курбиново е веќе впишана на тентативната листа на УНЕСКО, што е  прв чекор  во процесот на впишувањето на едно добро на Листата на УНЕСКО на светско наследство.

Почнав со зборовите на еден од кодификаторите на современиот македонски литературен јазик, Блаже Конески, а ќе завршам со еден од најголемите борци за признавањето на македонскиот јазик, Крсте Петков Мисирков, кој вели:

„За среќа, има македонска национална култура и историја и тој факт го вооружува македонскиот народ, со непобедливо оружје во неговата борба за човечки права и за слободен национален живот, како рамноправен член во бројот на културните народи“.

Визиите на Мисирков и на Конески, нашата генерација, со огромни заложби на оваа Влада, ги остварува и верувам дека денес сите сме горди на тоа.

Сакам на крај да изразам огромна благодарност до министерката за култура, до нејзините колеги во Министерството, до раководителите во ова училиште кои ќе работат на неговата комплетна реконструкција. Сакам да се заблагодарам и на невладините организации кои што во текот на изминатите години и децении постојано го промовираа овој крај и неговото значење за македонскиот јазик. Исто така и на поединци кои се наши општествени работници, дел од нив и медиумски работници кои што исто така не оставија да ова училиште биде оставено на забот на времето, а Владата потврдува преку веќе одобрениот проект и одобрените средства дека ова руинирано училиште ќе стане еден од најзначајните споменици на македонскиот јазик и воопшто на нашата култура и идентитет“.

Прочитајте повеќе

Објавени се листите со примени студенти во студентските домови

Објавени се листите со примени студенти во студентските домови

Вселувањето во домовите за студентите од втора и повисоките години започнува во вторник и ќе …