Мицкоски се судри со амбасадорите за иднината на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители

Мицкоски се судри со амбасадорите за иднината на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители

Неизвесна е иднината на Судскиот совет и на Советот на јавни обвинители, откако премиерот Христијан Мицкоски децидно остана на ставот даден уште во предизборието, дека двата совета треба да се распуштат. На ова се спротивставија амбасадорите, но премиерот остана на својот став, со коментар дека „амбасадорите се мешаат во внатрешните работи“. Евроамбасадорот Дејвид Гир и амбасадорката на САД Анџела Агелер, сметаат дека токму распуштањето на двете судски инстанци значи мешање на извршната во судската власт.

„Стана пракса амбасадорите да се мешаат во внатрешните работи. Во исто време, истите тие велат дека е катастрофална состојбата со владеењето на правото. Истовремено тие во своите извештаи велат дека цутат криминалот и корупцијата и дека довербата во правосудниот систем е два-три проценти. Очигледно дека работите не функционираат“, изјави Мицкоски.

Евроамбасадорот Дејвид Гир во интервју за 360 степени вчера кажа дека ќе мора да разговараат со владата за тоа што значи „овој јазик за распуштање на Судскиот совет, распуштање на Советот на јавни обвинители“.

Мицкоски се судри со амбасадорите за иднината на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители
Фото: Prime Blue Institute

„Се разбира, постои искушението да се пристапи со она што јас го нарекувам ’правен нихилизам’, со други зборови да избришете сè и да почнете од почеток. И тоа е атрактивно и можеби привидно изгледа атрактивно. Но, искуствата покажуваат дека тоа не е најефективниот начин. За Судскиот совет, јасно е што треба да се прави. Ги имаме препораките. Затоа, нашиот совет е да се продолжи, да се има дискусии, да се разговара со сите засегнати страни заедно. Да се надогради она што веќе е постигнато“, изјавува Гир во интервјуто.

Тој воедно потсетува дека постои Извештајот на Оценската мисија од минатата година кој содржи 40 препораки за функционирањето на Судскиот совет, но има и многу други документи, од скрининг-процесот, Извештајот за напредокот…

„Значи има богатство достапни материјали кои покажуваат како да се оди напред. Со нетрпение очекуваме да разговараме за ова во детали“, вели Гир во интервјуто.

Тој претходно изјави дека „распуштањето на Судскиот совет и на Советот на јавни обвинители е директно мешање во независноста на судската власт и нагласи дека доколку тоа се случи ќе предизвика сериозна загриженост кај Европската унија“.

И амбасадорката на САД, Анџела Агелер, завчера ги поздрави исполнетите задачи од Судскиот совет под водство на Весна Дамева, а кои беа напишани од Европската унија, преку т. н. Оценска мисија која беше во Македонија и истражуваше во Советот и во судовите.

Мицкоски се судри со амбасадорите за иднината на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители
Фото: Влада на РСМ

„Довербата во правосудството во Северна Македонија денеска е шокантно ниска. Северна Македонија има добро обработени закони, доброопремени инститции и искусни обвинители и судии, а повеќето од нив и патувале, и имале размени со САД. Па се поставува прашањето – како да почнеме да го пополнуваме оној јаз или недостиг на доверба, на оние на кои треба да им служиме? Пораката е јасна и не се менува: Работете ја работата која што треба да ја работите. Следете го законот, работете за луѓето. Дајте отпор на политички притисоци, заштитете го својот интегритет и прифатете ја транспарентноста. Напорната работа веќе започна и, гледаме напредок. Сега дозволете ни да ви помогнеме да стигнете уште понапред на својот пат“, изјави амбасадорката на САД.

Но, Мицкоски остана на ставот што го даде по победата на парламентарните избори:

„Во кампањата зборувавме дека создаваме фронт против криминалот и корупцијата и тој фронт подразбира дека ние ќе го распуштиме Судскиот совет и Советот на јавни обвинители“, изјави тој по победата, а веќе во првите денови од неговото владеење го отвори ова прашање.

Министерот за правда Игор Филков, пак, со согласи со изјавите на Гир и на Агелер и изјави дека очекува да се интензивира соработката во периодот кој претстои.

Министерството за правда веќе има подготвено нацрт верзија на Законот за судски совет за кој веќе на ЕНЕР е дадено известување за процесот на подготовка, а потоа сите заинтересирани ќе имаат можност да дадат свои мислења и забелешки. По ова, министерот за правда Игор Филков планира да отвори широка и јавна дебата во која ќе бидат слушнати мислењата на експертската јавноста со цел да се дојде до најдобро заедничко прифатливо решение.

Законското решение го спомена вчера и претседателката Гордана Сиљановска Давкова во интервју за „Само вистина“.

„Таму (н.з. во Судскиот совет и во Советот за јавни обвинители) се потребни сериозни промени. Тие две тела се во моментов како да не постојат, можеме ние да ги менуваме со двајца нови, меѓутоа се потребни сериозни законски измени“, рече таа.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

сдсм

СДСМ: Само Мицкоски и Чак Норис можат за два дена власт да донесат нова инвестиција, доста се китите со туѓи перја

Тажно е да се гледа како Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ по секоја цена сакаат да покажат …