трамп атентат

Обидот за атентат на Трамп ги разбуди теоретичарите на заговори

Вистиномер разгледа неколку од досега споделените наративи во земјава, кои случајно или не, потекнуваат и од лица од партии што се на страната на Кремљ и кои позитивно се изразуваат за Владимир Путин

Бројни теории на заговор и дезинформации се раширија по обидот за атентат врз претседателскиот кандидат на САД, Доналд Трамп. Вистиномер разгледа неколку од досега споделените наративи во земјава, кои случајно или не, потекнуваат и од лица од партии што се на страната на Кремљ и кои позитивно се изразуваат за Владимир Путин, пишува Вистиномер. 

Анализата ја пренесуваме во целост:

Обидот за атентат врз претседателскиот кандидат на САД, Доналд Трамп, во земјава ги разбуди теоретичарите на заговори. Ако не смислуваа свои, тогаш пренесуваа странски верзии на неверојатни, мрачни сценарија за чие остварување како и секогаш – се потребни „натчовечки сили и итрини“. Вистиномер разгледа неколку од досега споделените наративи во земјава, кои случајно или не, потекнуваат меѓу другото и од лица од партии што се на страната на Кремљ и кои позитивно се изразуваат за Владимир Путин.

Американското Федерално биро за истраги (ФБИ) го идентификуваше 20-годишниот Томас Метју Крукс од Пенсилванија како осомничен за обидот за атентат врз Трамп на предизборниот митинг. Тој беше застрелан и убиен од тајната служба, по само неколку секунди откако пукал кон бината на која Трамп имаше излагање во Батлер, Пенсилванија (13.07.2024).

Измислениот снајперист Џонатан Вилис

На 18 јули, на Фејсбук профилот на лице кое се претставува како приврзаник на проруската партија Родина, објавена е неверојатна теорија на заговор во врска со снајперистот поставен како одбрана на Доналд Трамп, а кој го застрела Томас Метју Крукс.

Теоријата на заговор чии бројни елементи се веќе докажано невистинити, од овој профил е претставена како приказ на „факти“. Во објавата се потенцира дека „снајперистот и полицаец Џонатан Вилис, што го ликвидирал Метју Крукс добил отказ и доживотна забрана за работа во вооружени формации и е уапсен“. Таканаречениот извор, според оваа теорија на заговор, е самиот снајперист.

Сите тврдеа дека се лажни вести, се до Фејсбук и Твитер обраќањето на полицаецот, во кое тој потврдува дека е суспендиран и најверојатно ќе биде уапсен. Официјалната верзија на ФБИ е дека е уапсен заради непочитување на директна команда од надредено лице, всушност тој пукал и покрај директната команда на SWOT командирот да се чека, и да се види што ќе се случи, затоа што не се сигурни дека силуетата на покривот е човек со оружје. Џонатан го имал на нишан атентаторот повеќе од 3 минути. И два пати потврдил дека јасно ја гледа пушката вперена во претседателот, тоа го кажал на отворена врска, која истовремено ја следеле 7-8 полицајци и агенти. Првиот пат имало само молк, 2:36 секунди, кои Џонатан ги опишува како вечност. При вториот повик предупредил дека ќе пука зошто е 100% сигурен дека силуетата е атентатор. Слушнал само : “Hold”( чекај, остани така). Џонатан останал така и го држел атентаторот на нишан 3:22 мин. Откако овој испукал и ги промашил сите 4-5 истрели, Џонатан го ликвидирал, за да не продолжи да пука. Во рамката имал уште 5 куршуми. Отпуштен и уапсен е зошто неговата самоволна и своеволна реакција ја загрозила општата безбедност, и тој се смета за виновен за човекот кој е погоден со последниот куршум; Затоа што се смета дека тој е погоден од атентаторот кога овој веќе погоден го испалува последниот куршум во агонија. За оваа правда, процедура и куриозитет нема да дознаете од ниту еден од официјалните медиуми во „Нашата земја“, се наведува во објавата.

Но, не постои снајперист Џонатан Вилис кој бил ангажиран на митингот каде имаше обид за атентат врз Трамп. Изнесените дезинформации не се „факти“ туку потекнуваат од анонимниот конспирациски форум 4Chan. 

Повеќе светски сервиси за проверка на факти пишуваат дека не постои таен агент Џонатан Вилис. Кога одблиску ќе се погледне во висока резолуција фотографијата на која се наоѓаат снајперистите, се гледа дека на нивниот панцир пишува „тајна служба“ (Secret Service).

Тајната служба на САД деновиве е критикувана за безбедносни пропусти по обидот за атентат врз Трамп на 13 јули. Тогаш беше убиено едно лице а три други баа повредени, вклучително и самиот Трамп кој беше повреден во пределот на увото. Но, објавата којашто во земјава се пренесува како „факт што потекнува директно од снајперистот задолжен за безбедноста што го застрела атентаторот“, не е факт, туку обичен анонимен пост на форум со лоша репутација од каде всушност се изнедри и познатата теорија на заговор Кју Анон. А подоцна, самиот пост од форумот е избришан, но претходно е архивиран.

Портпаролот на американската тајна служба Нејт Херинг за Ројтерс вели дека никој по име Џонатан Вилис не е вработен во агенцијата.
Нема вработен во тајната служба на САД со тоа име.Ова тврдење е категорично лажно, вели тој.

Како навистина се одвиваше пукањето?

Шест минути по почетокот на говорот на Трамп на митингот се слушна пукање. Трамп се фати за десното уво пред да се спушти на земја зад подиумот. Тој беше поклопен од агенти на Тајната служба додека вооружени офицери ја опколија сцената. Агентите го држеа Трамп на земја 25 секунди, а потоа се слушна како некој вика: „Напаѓачот е застрелан!“.

Трамп, со видливи траги од крв на увото и на лицето, беше изнесен од сцената од страна на агентите на Тајната служба. Асошиејтед Прес наведува дека снајперистите го убија Томас Метју Крукс неколку моменти откако тој почна да пука кон Трамп и дека тајната служба, како и полицискиот оддел во Батлер, велат дека немаат агенти, службеници или вработен со името за кое се тврди дека е снајперистот што го неутрализираше Крукс.

Трамп не беше погоден во градите

Од Фејсбук група со наслов Macedonia supports Donald Trump се прошири дезинформацијата дека Трамп бил погоден не само во пределот на увото туку и во градите. Виралната фотографија е зумирана верзија на оригиналната фотографија на Асошиејтед прес. „Дупката“ видлива во сакото на Трамп, всушност е превиткување на палтото на жената офицер која го штити. Трамп и самиот изјави дека куршумот му го погодил десното уво.

Со извршување на обратно пребарување на слики, ја најдовме оригиналната фотографија на веб-страницата на Асошиејтед прес. Виралната фотографија е зумирана верзија на фотографијата на Асошиејтед прес. Автор на фотографијата на АП е фоторепортерот Еван Вучи, а истата беше споделена од ABC News на Инстаграм. Гледајќи ја оригиналната фотографија, можеме да видиме дека наводната дупка од куршум, всушност е набор на палтото на жена вработена во обезбедувањето, која го штитела Трамп.

Теорија на заговор дека Бајден го нарачал атентатот

Од истата страница Macedonia supports Donald Trump се инсталираше и наративот дека „Бајден го нарачал обидот за атентат врз Трамп“.

Пет дена пред денешниот атентат, Бајден посеркото го нарача атентатот на Трамп, пишува во објава на страницата.

Дека овој наратив е споделуван и во САД, појаснува сервисот од САД PBS. Според PBS, оригиналниот извор од кого потекнува овој невистинит наратив за „нарачателот Бајден“, потекнува од републиканецот Мајк Колинс кој изјавил дека „Бајден ги испратил нарачките да се убие Трамп“.

Нема никакви докази дека Бајден го нарачал обидот за атентат на Трамп, но „доказот“ кој се користи за ова е неговата изјава дадена на 8 јули упатена кон донатори:

Завршуваме со разговори за дебатата. Време е да го „центрираме“ Трамп. Не може да помине уште еден ден без да објасни што прави и мора да го следиме, рекол Бајден.

Зборот употребен за „центрираме“ е  `to put Trump in the bull’s-eye`.

Овој цитат на Бајден не докажува дека тој „испратил наредби за убиство на Трамп“.

Како што самиот Бајден рече, самата употреба на зборот била грешка, но она на кое мислел е „да се држи поблизок фокус на активностите на Трамп“.

Грешка беше да се користи зборот (bull`s eye н.з). Мислев на тоа – фокусирајте се на него, фокусирајте се на она што тој го прави, рече Бајден во понеделникот во интервју за Лестер Холт од NBC News.

На 14 јули, еден ден по обидот за атентат врз Трамп, Бајден во кратка изјава рече:

Конзистентен сум со насоките кон тајната служба да ги обезбедат за Трамп сите ресурсни можности и безбедносни мерки за да се осигури неговата безбедност.

Одреден дел од експерти за сајбер безбедност, како на пример Крис Кребссметаат дека „сивиот простор на неодговорени прашања“, овозможува дезинформациите да ја пополнат празнината во која треба да бидат информациите. Во таа смисла Кребс укажува дека „задолжително сите, вклучително и платформите за социјалните медиуми, треба да дејствуваат одговорно, за да се осигури дека ова нема дополнително да излезе од контрола“.

Пишува: Мирослава Симоновска

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Бурек и политика

Бурек и политика

Барок или модерно? Владино или партиски? Позитивна листа или лекови на приватно? Харис или Трамп? …