Приказни за големи деца: Мицко и трите кошули

Приказни за големи деца: Мицко и трите кошули

Пишува: Зоран Милошески

Ја знаете приказната за мажот со трите кошули? Бидејќи е многу кратка, ако не сте ја чуле, ќе ви ја раскажам.

И’ се пожалил мажот на својата жена дека цела година оди само со една кошула и дека би било добро да има барем уште една.

  • Ми се смеат луѓето, срам ми е. Знам оти се нема, оти е сиромаштија, ама за уште една кошула колку за преслека, се можи – и’ рекол мажот на жената.
  • Ах бе мажу, неблагодарнику низаеден! Како една, кога имаш три кошули!? – му привикала жената.
  • Е како три мори жено, од кај ги најде три? Еве, оваа шо ја носам, таа е. И за свадба, и за погреб, една е – одговорил мажот.
  • Слушај ме сега убо шо ќе ти речам: таа шо ја носиш, една… оваа шо ти ја шијам, две… и таа шо мислам да ти ја шијам, три. Гледаш оти имаш не една, ами три кошули? – го убедила жената мажот со „аргументи“.

Не знам зошто, ама оваа приказна ми беше првата асоцијација на вчерашната изјава на Мицкоски дека го реализирале изборното ветување за покачување на пензиите за 5.000 денари. Оти она „го реализиравме“ се однесува на март 2025 година, кога вредноста на парите ќе биде преполовена. Тоа е, всушност, “втората кошула“ од приказната.

Третата кошула, пак, е некнежната промоција на проектот за ветерниот парк, чија реализација (како што пишува на официјалната страна на „Алказар Енерџи“, фирмата која ќе го гради ветропаркот) ќе започне… ако воопшто започне… во втората половина на 2026 година.

Ете така изгледаат “кошулите“ кои за само една недела ни ги соши Владата, заради кои на нашата среќа и’ нема крај.

Но, што точно се случува во Македонија од 9 мај до денес?

Верификувањето на мандатите на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата, вклучително и на шестемина пратеници на ЗНАМ, заедно со изгласувањето на составот на владата на Мицкоски, значеше официјализирање на најголемата изборна измама во 33-годишното опстојување на независна и демократска Македонија.

Мицкоски и ДПМНЕ ги излажаа македонските граѓани, бидејќи она што го зборуваа и ветуваа во изборната кампања беше обична фарса, голема безобѕирна и безобразна лага која нема никаква допирна точка со постизборните случувања.

Во контекст на кажаното, 5 факти:

  1. Велеа дека ќе го поништат Преспанскиот договор, дека Северна Македонија ќе ја пратат во историјата и дека ќе го вратат старото име на државата. Денес, по принципот „пу-пу, не важи“, Мицкоски потврди дека ќе го почитува Преспанскиот договор и дека во секој официјален настап ќе го користи уставното име на државата – Република Северна Македонија. Наместо новото име, во историјата замина „Никогаш Северна, само Македонија“, 6 години експлоатираната парола која им ги отвори вратите на „Илинденска“;
  2. Најсрамниот настан во поновата историја на Македонија, упадот во Собранието и тепањето пратеници, се случи само затоа што за собраниски спикер беше избран Албанец. 7 години подоцна, не само што на истата функција го избраа Африм Гаши, туку ниту ДПМНЕ, ниту ЗНАМ немаа ништо против што наследникот на Талат Џафери заклетвата прво ја даде на албански јазик;
  3. „Владата е прегломазна, има премногу министерства. Кога ќе дојдеме на власт, ќе го намалиме нивниот број“, гласеше едно изборно ветување. Наместо тоа, за задоволување на апетитите на своето членство и на коалиционите партнери, ДПМНЕ бројот на министерства го зголеми од 16 на 20;
  4. ДУИ требаше да заврши во опозиција, нејзините челници во затвор, функцијата „прв вицепремиер“ ќе ја укинуваа, а закони по скратена постапка ќе се носеа само во исклучителни случаи. И што бидна со ваквите најави?
    Се’ обратно: измените на Законот за организација и работа на органите на државна управа, кој овозможи зголемување на бројот на министерства, беше изгласан на шверцерски начин во 2 после полноќ, по скратена постапка, со помош на пратениците на ДУИ, со што партијата на Ахмети стана нивни неформален коалициски партнер. И Артан Груби си доби свој наследник во Владата, нешто кое премиерот Мицкоски вака го образложи и го оправда: „Незаконски е да има прв вицепремиер и тоа нема да биде пракса во работењето на оваа Влада. Но ние имаме џентлменски договор во нашата коалиција и се договоривме прв вицепремиер да биде Изет Меџити“;
  5. „СДСМ ја презадолжи државата со кредити, Владата на ДПМНЕ ќе работи домаќински“. Од кога тоа „домаќинското работење“ подразбира задолжување со кредит од една милијарда евра? На која страна од изборната програма на ДПМНЕ пишува за вакво енормно задолжување „тешко“ една милијарда евра?

Сума сумарум, толку многу лаги, вакво потценување на интелигенцијата на граѓаните за олку краток период на владеење, не беше својствено ниту за најголемиот македонски Минхаузен, Грујо.

Приказната само што започна, а кошулите уште несошиени – веќе ги искинавме!

Прочитајте повеќе

Приведени 19 луѓе на Д фестивалот во Дојран

Приведени 19 луѓе на Д фестивалот во Дојран

При преглед кај нив, како и при контрола во возила во кои се превезувале биле …