Промовиран прирачникот за машко здравје „Фокусирај се на себе, за себе“ (Галерија)

Промовиран прирачникот за машко здравје „Фокусирај се на себе, за себе“ (Галерија)

Во организација на Здружението за унапредување на здравјето „ФИЛИП ЛУКАРОСКИ“- Прилеп, синоќа во киното „Мис Стон“ во Прилеп беше промовиран прирачникот за машко здравје.

Петра Лукароска, автор на прирачникот и воедно претседателка на Здружението „ФИЛИП ЛУКАРОСКИ“, напомена дека промоцијата се случува во месец јуни, од причина што јуни е прогласен за Месец на машкото здравје.

„Прирачникот ‘Фокусирај се на себе, за себе’ говори за здравјето на мажите, со цел подобрување на нивното здравје преку подигнување на свеста за рано препознавање на симптомите на одредени заболувања. Кога е здравјето во прашање, мажот е заглавен е во размислувањето ‘можам сам’, ја одложува навремената грижа за своето здравје. Да, мажот може да биде и силен и паметен, но исто така му требаат силата и знаењето на другите, особено кога е во прашање здравјето и неопходноста да зборува отворено за сите аспекти на здравјето. Препознавањето и спречувањето на машките здравствени проблеми не е само машко прашање и не ги засега само мажите. Поради нивното влијание врз сопругите, мајките, ќерките и сестрите, здравјето на мажите е семејно прашање“, истакна Лукароска.

Говорејќи за важноста на превентивните прегледи како основа за зачувување на здравјето, урологот д-р Арменд Арслани потенцираше дека на 100.000 мажи, 10 умираат од рак на простата, а не е занемарлив ниту процентот на смртност од рак на тестиси.

„Секој современ маж треба да ја стекне навиката да посетува уролог. На глобално ниво, секоја година се’ повеќе мажи се под ризик од сериозни здравствени проблеми, заради недоволна информираност за болестите. За таа цел се потрудивме да го изготвиме овој прирачник и да ги поттикнеме мажите во пракса почесто да посетуваат доктор и да прават редовни превентивни прегледи кои би помогнале во рана дијагностика на болестите, а со тоа и навремен третман“, рече д-р Арслани.

Професорката д-р Татјана Стојаноска – Иванова, промотор на прирачникот „Фокусирај се на себе, за себе“, нагласи дека прирачникот е иницијална каписла која ќе ги натера мажите да проговорат за своето здравје.

„Не е страшно мажите отворено да зборуваат за своето здравје и барем еднаш годишно да направат превентивен преглед. Надминување на стереотипите и предрасудите и поставување на менталното и физичкото здравје на пиедесталот, е нешто кое мажите треба и мора да го направат веднаш и сега“, потенцираше проф.Стојаноска – Иванова.

Генерален спонзор на прирачникот за машко здравје „Фокусирај се на себе, за себе“ кое наскоро ќе се појави и на албански јазик, е ПИ „Витаминка” АД – Прилеп.

Прочитајте повеќе

Либан: Пејџери, воки-токи, па отворена војна?

Либан: Пејџери, воки-токи, па отворена војна?

По експлозиите на стотици електронски уреди, останува нејасно како ќе реагира Хезболах, која ужива поддршка …