Сиљановска Давкова го разреши Муслиу, тој ја обвини дека попуштила пред политичките притисоци

Сиљановска Давкова го разреши Муслиу, тој ја обвини дека попуштила пред политичките притисоци

Македонската претседателка Гордана Сиљановска Давкова денеска донела одлука со која се разрешува досегашниот директор на Агенцијата за разузнавање Еролд Муслиу кој на оваа позиција е втор мандат. На негово место е назначена Габриела Јаковлева, која, според соопштението од Кабинетот, доаѓа од редовите на Агенцијата.

„Очигледно е дека претседателката попушти пред партиските притисоци“, реагира досегашниот директор на Агенцијата за разузнавање, Еролд Муслиу.

Тој вели дека нема да навлегува во политичката логика и автономија при носењето на ваквата одлука од страна на шефицата на државата, но, како што пишува во реакцијата, во случајот со неговото разрешување отсуствуваат законската оправданост и мерит-системот, за кој, како што вели, Сиљановска Давкова постојано зборувала во јавноста.

„Посебно сум разочаран од постапката и начинот кој го избра при моето разрешување, не покажувајќи доблест да се сретнеме на прва информативна средба на која би добила брифинг за природата на работата на Агенцијата и за безбедносното опкружување и актуелната состојба во регионот“, е наведено во писмената реакција на Муслиу.

Во соопштението од Кабинетот на претседателката нема детали зошто е разрешен Муслиу. Тој на местото директор на Агенцијата по втор пат беше назначен на 19 мај 2023 година од поранешниот претседател Стево Пендаровски со мандат до 2027 година.

Според законот за Агенција за разунавање, директорот го именува и разрешува претседателот на Република Северна Македонија.

„Основи за разрешување на директорот пред истекот на мандатот се ако не постапува согласно со закон, ако нестручно и несовесно ја извршува функцијата или ако престане да исполнува некој од условите од ставот 1 на овој член“ е наведено во законот за работата на Агенцијата за разузнавање.

Претседателката денеска ја разреши и заменичката директорка во Агенцијата за разузнавање Александра Бакреска Додовска и ја именуваше Ивана Стојановска. Повеќе детали за нив не се наведени во соопштението.

„Претседателката Сиљановска Давкова овие одлуки ги донесе согласно нејзините уставни и законски надлежности“, се вели во соопштението од Кабинетот на претседателката.

Извор: РСЕ

Прочитајте повеќе

Приведени 19 луѓе на Д фестивалот во Дојран

Приведени 19 луѓе на Д фестивалот во Дојран

При преглед кај нив, како и при контрола во возила во кои се превезувале биле …