Со ваква младина, секоја држава се плаши за својата иднина

Со ваква младина, секоја држава се плаши за својата иднина

Пишува: Сотир Габелоски

Се’ оди надолу за младите ширум Европа: благосостојба, среќа, права… Затоа десницата добива на подем, а разочараноста доаѓа од зелените партии и социјалдемократите.

Истражувањата покажуваат големо разочарување кај младите во земјите од ЕУ. Оние кои пред неколку години гласале за Зелените или левите партии, сега целосно се свртија кон крајно десничарските погледи. Разочарувањето е поочигледно од било кога, а што е уште пострашно, кај партиите и носителите на одлуки, младите го губат приоритетот.

Да започнеме со Младинскиот индекс (Youth Index) кој за 2023 година покажува дека исполнувањето на основните човекови права (домување, храна, здрава вода за пиење) е под очекувањата. Истата класификација е дадена за пристап до образование и квалитет на животната средина. Во рамки на очекувањата е само здравствената заштита.

Овие податоци покажуваат од каде извира разочарувањето кај младите. И, ако ја земеме животната средина и го споредиме со гласањето на младите на овогодинешните ЕУ избори и на изборите во 2019 во Германија, ќе видиме целосно спротивни податоци. Гласовите за зелените партии паднале од 27 проценти на 18, при што се доаѓа до заклучок дека младите кои гласале за овие партии пред 5 години, годинава гласале за крајно десни партии кои се залагаат за укинување на т.н. „Зелен договор“.

Да ги оставиме на страна гласовите на младите и да се запрашаме колку се младите среќни? Каква е нивната благосостојба?

Извештајот за среќа за 2024 (World Happiness Report 2024) започнува со потсетување на пишувањата на Вилијам Шекспир кој вели дека староста носи несреќа, односно како старееме така и секојдневието станува подепресивно. Моментално, младите се понесреќни од повозрасните. Тие се плашат за својата иднина, а како голем предизвик го сметаат наоѓањето на квалитетна работа. Депримирачка ситуација во земјите од ЕУ, па и низ цела Европа. Ако се има предвид популарноста на популистите – ете го одговорот зошто е така.

Да се симнеме подолу, на локално ниво. Катастрофален пораз на СДСМ. Изгуби ДОМ, либералните политики – поразени. Националистичките и порадикалните настапи на 8 мај беа наградени. Нема да биде лошо своето возобновување СДСМ да го започне со обуки за темелните вредности на социјалдемократијата, затоа што таа еден ден ќе се врати на врвот, но само преку лица со интегритет, достоинство и искрен пристап.

Голем дел од состојбите во ЕУ се префрлија и кај нас, но не можеме да кажеме дека трендовите на десницата се причина за резултатот на изборите. Иако, секако имало влијание, разочарувањето кај луѓето ги поттикна да не излезат на гласање, или пак да се свртат кон порадикални гледишта.

Состојбите на ниво на ЕУ се далеку од идеални. Како се чувствуваат младите е поразително. Се плашат за својата иднина, не добиваат соодветни услуги, нивните права се загрозени. Дека крајните левичари и десничари ќе донесат подобро – тешко е да се поверува, но радикалните политики се поприфатлива опција за младите после разочарувањата кои ги доживеале од умерените партии.

Нешто треба да се менува и тоа брзо, а првиот чекор нека биде сосредоточување на младите и разбирање на нивните потреби, стравови, дилеми.

Прочитајте повеќе

Објавени се листите со примени студенти во студентските домови

Објавени се листите со примени студенти во студентските домови

Вселувањето во домовите за студентите од втора и повисоките години започнува во вторник и ќе …