Средба на министрите за одбрана на ЕУ во Брисел

Средба на министрите за одбрана на ЕУ во Брисел

Министрите за одбрана на земјите членки на Унијата денеска на вториот ден од заседанието на Советот за надворешни работи на ЕУ, под претседателство на високиот претставник за надворешни работи и безбедност Жосеп Борел ќе расправаат за прашања поврзани со безбедносните аспекти на блокот.

Главна тема за расправа на заседанието на Советот ќе биде поддршката на Унијата за Украина, а министрите ќе дискутираат и за мисиите и операциите на Капацитетот за брзо распоредување на ЕУ (РДЦ) и за заедничката безбедносна и одбранбена политика и треба да ги одобрат и заклучоците за Вселенската стратегија за безбедност и одбрана на блокот.

Заседанието ќе започне со неформален појадок на министрите за одбрана и високиот претставник на ЕУ, Борел со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг на кој ќе се разговара за отпорноста на критичната инфраструктура на блокот во сенка на безбедносните инциденти во Балтичкото Море.

Во рамки на заседанието ќе се одржи и седница на Управниот одбор на Европската агенција за одбрана на која министрите треба да ги одобрат Приоритетите за развој на капацитетите (ЦДП) за 2023 година и да разговараат за нивното спроведување, кои треба да служат како основа за сите одбранбени иницијативи и инструменти на ЕУ.

Вчера на првиот ден од заседанието на Советот се одржа средба на министрите за надворешни работи на земјите членки, по што следуваше нивна средба со шефовите на дипломатиите на државите од Западниот Балкан.

Земјава на министерскиот состанок ја преставуваше заменик-министерката за надворешни работи Фатмире Исаки.

Целта на министерскиот состанок ЕУ-Западен Балкан беше дополнително да се интензивира ангажманот на Унијата со шесте земји партнери од регионот – Северна Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Србија и Црна Гора, со акцент на заедничките безбедносни предизвици, како што се странско мешање и манипулацијата со информациите, кибер заканите и последиците од руската агресија врз Украина.

Главни теми за расправа на средбата на европските министри беше ситуацијата во Израел, Појасот Газа и регионот на Блискиот Исток, руската агресија врз Украина, случувањата во односите на Ерменија и Азербејџан, како и надворешно политичка димензија на економската безбедност.

Извор: РСЕ

Прочитајте повеќе

Дали Фолксваген е „случај за санација“?

Дали Фолксваген е „случај за санација“?

Фолксваген не ја исклучува можноста некои од неговите производствени локации во Германија целосно да исчезнат. …