Студентите од „Стив Наумов“ треба да се иселат предвреме, домот се подготвува за реновирање

Студентите од „Стив Наумов“ треба да се иселат предвреме, домот се подготвува за реновирање

Студентите велат дека ваквата одлука за нив е неприфатлива и нехумана, затоа што се принудени среде испитна сесија да размислуваат за селење, а нема и каде да престојуваат до 30 јуни. На голем дел од факултетите, јунската испитна сесија трае до 29 јуни. МОН смирува – студентите што имаат потреба од престој, ќе бидат распределени во други објекти

Студентите сместени во „третата“ зграда – единствената од трите згради во студентскиот дом „Стив Наумов“ која во моментов е во функција, добиле задолжение да се иселат од домот најдоцна до 24 јуни, и покрај тоа што, согласно договорите што ги имаат потпишано со ДСД „Скопје“, имаат право да престојуваат таму до 30 јуни.

Причината за предвременото иселување на студентите е подготовката за градежните зафати за реконструкција на домот, односно на 25 јуни зградата ќе биде предадена на изведувачот на градежните работи.

Од раководството на ДСД „Скопје“, под чија капа е „Стив Наумов“, им соопштиле на студентите да ја напуштат зградата до 24 јуни, согласно добиеното известување од Министерството за образование и наука (МОН).

„По 24.06.2024 година, зградата ќе биде предадена на изведувачот Штрабаг и единствено тие ќе имаат пристап до објектите, што значи дека нема да бидете во можност да ги земете стварите кои евентуално нема да ги подигнете пред горенаведениот рок. Ве молиме да водите сметка дека сте ги земале сите ваши ствари, бидејќи во спротивно Државен студентски дом ‘Скопје’ – Скопје не презема никаква одговорност доколку настане евентуална штета, кражба или губење на стварите“, се вели во соопштението од ДСД „Скопје“.

Студентите што се обратија до редакцијата на Мета.мк велат дека ваквата одлука за нив е неприфатлива и нехумана, затоа што се принудени среде испитна сесија да размислуваат за селење, а нема и каде да престојуваат до 30 јуни. На голем дел од факултетите, јунската испитна сесија трае до 29 јуни.

Мета.мк се обрати до Државниот студентски дом „Скопје“ и до Министерството за образование и наука со прашања за тоа дали при ваквата одлука го зеле превид фактот што студентите ќе треба да се селат среде сесија.

До ДСД Скопје поставивме прашање и дали на каков било начин застанале во одбрана на своите студенти и дали ќе побараат одложување на стартот на градежните работи за неколку денови, со оглед на тоа што реновирањето на „Стив“ се одложува повеќе од една година, но до моментот на објавување на сторијата, не добивме одговор од управата на домот и од директорот Виктор Велевски.

Од Министерството за образование, пак, смируваат дека студентите кои имаат потреба од престој до 30 јуни, ќе бидат преместени во други објекти каде во моментов нема градежни зафати.

Во студентскиот дом „Стив Наумов“ во функција се и новите бараки, каде што се сместени околу 130 студенти.

„Министерството за образование и наука најави дека во првата половина на 2024 година ќе започне етапната реконструкција на државните студентски домови во државата и согласно потпишаниот договор со изведувачот на градежните работи, роковите се испочитувани. Во тек се подготвителни активности во студентските домови Кузман Јосифовски- Питу, кој е целосно затворен уште од минатата година и во Стив Наумов, каде заклучно со овој месец ќе функционираат дел од објектите кои и досега беа на располагање, по што и тие целосно ќе бидат затворени заради градежните работи. Дотогаш, односно до 25 јуни студентите можат да ги користат доделените соби, а во комуникација со раководството на домовите, оние студенти кои и натаму ќе имаат потреба, ќе бидат преместени во други објекти каде во моментов нема градежни зафати“, стои во одговорот од МОН.

Реконструкцијата на државните студентски домови се одложува со месеци, а првата фаза досега никако не започна. Долгонајавуваната реконструкција предвидува замена на сите позиции во домовите – електрични и водоводни инсталации, фасади, топлотни системи, врати, прозорци, молерисување и опремување, а активностите ќе се одвиваат во три фази.

Реновирањето е дел од проектот за енергетски ефикасна рехабилитација на студентските домови, кој се реализира со пари од Германската развојна банка (KfW), од 20 милиони евра и грант од 5 милиони евра преку Програмата за регионална енергетска ефикасност за Западен Балкан на Европската Унија.

Во првата фаза, предвидено е целосно да се реконструираат студентските домови „Стив Наумов“ и „Кузман Јосифовски – Питу“ во Скопје.

Во втората фаза е предвидено реновирање на „Браќа Миладиновци“ – Штип и „Народен херој Орде Чопела“ – Прилеп, а потоа и на „Никола Карев“ – Охрид и „Томе Стефановски – Сениќ“ – Скопје.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

мицкоски

Кузеска: Мицкоски ги излажа граѓаните, нема намалување на цените

Одговор на новинарско прашање на Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ Најавите дека дополнително ќе се …