Украина изврши „голем напад со дронови“ врз Москва

Украина изврши „голем напад со дронови“ врз Москва

Украина изврши еден од најголемите напади со беспилотни летала врз Москва, а руските единици за противвоздушна одбрана уништија најмалку десет беспилотни летала, изјави рано во среда (21 август) градоначалникот на Подолск, кој се наоѓа на 38 километри јужно од руската престолнина.

„Системите за противвоздушна одбрана продолжуваат да ги одбиваат нападите на непријателските авиони. Некои од нив беа уништени над Подолск. Ова е еден од најголемите обиди за напад на Москва со беспилотни летала. Сè уште ја следиме ситуацијата“, напиша градоначалникот Сергеј Собјанин на Телеграм.

Според првите информации нема повредени ниту евидентирана штета, додаде Собјанин.

Во последните неколку месеци, Украина постојано напаѓа со по еден или два дрона кон Москва, секој пат без значителна штета, пишува Ројтерс.

Сепак, се чини дека овој последен напад е поголем од оној во мај минатата година, кога над главниот град беа уништени најмалку осум дронови, што го поттикна рускиот претседател Владимир Путин да рече дека Киев се обидува да ја испровоцира и исплаши Русија.

Руските власти ретко даваат целосни детали за нападите, главно известувајќи само за уништени беспилотни летала од нивните единици за воздушна одбрана.

И Русија и Украина ретко го откриваат целосниот обем на штетата што се јавува како резултат на меѓусебните напади, освен во случаите кога е оштетена станбена или цивилна инфраструктура или кога е убиен цивил, потсетува Ројтерс.

Споменатиот напад на Москва е дел од поширокиот напад со беспилотни летала од Украина, забележаа руските власти, имајќи предвид дека системот за противвоздушна одбрана запре 18 беспилотни летала над областа Брјанск во југозападна Русија и уште неколку над други области. Но, и таму не е забележана штета.

Ројтерс не можеше веднаш да ги потврди овие извештаи, а Украина сè уште не ги коментираше.

Во последните месеци Киев ги засили воздушните напади на руска територија и истакнува дека тоа го прави со цел да ја уништи клучната инфраструктура потребна за воени операции. Тие наведуваат и дека нивните напади се одговор на континуираните руски напади на украинска територија.

Извор: РСЕ

Прочитајте повеќе

Либан: Пејџери, воки-токи, па отворена војна?

Либан: Пејџери, воки-токи, па отворена војна?

По експлозиите на стотици електронски уреди, останува нејасно како ќе реагира Хезболах, која ужива поддршка …