Уставниот суд ќе расправа за „балансерот“

Уставниот суд ќе расправа за „балансерот“

Уставниот суд на денешната седница ќе расправа по предметот за „балансерот” – алатката за вработување според национална припадност во државните институции, кој е оформен по иницијатива поднесена од стариот состав на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК).

„Оспорени се член 19 став 1 алинеја 1 во делот „припадност на заедница“ од Законот за вработените во јавниот сектор, член 36 став 1 алинеја 1 во делот „и припадност на заедница“ од Законот за административни службеници и член 2 став 1 алинеја 8 и член 3 алинеја 1 во делот „припадност на заедница” од Правилникот за задолжителните елементи на јавниот оглас за пополнување на работно место во јавниот сектор преку вработување и на пријавата за вработување, како и формата, содржината и начинот на водење на регистарот на лица кои дале лажни податоци при вработување во јавен сектор, во делот „припадност на заедница“, информираат од Уставниот суд.

Според подносителот на иницијативата (ДКСК) со примена на оспорените законски одредби се загрозуваат основните слободи и права на човекот и граѓанинот, слободното изразување на националната припадност, соодветната и правична застапеност на граѓаните кои припаѓаат на сите заедници во органите на државната власт и други јавни институции и владеењето на правото загарантирани со одредбите во членовите 9, 32 став 1 и 2, 54 став 1, 2 и 3 од Уставот.

Со оспорениот дел „припадност на заедница“ подносителот смета дека се наметнува обврска на кандидатите за административни службеници во пријавата за вработување меѓу останатите лични податоци да наведат и припадност на заедница, со што се прекршува уставното загарантирано право на слободно изразување на националната припадност.

Според подносителот, со наведувањето на припадноста на заедницата којашто е потребна за пополнување на секое работно место, на кандидатите за административни службеници им се ограничува достапноста на секое работно место.

Антикорупциската комисија на седницата одржана на 11 јануари годинава одлучи да поднесе иницијатива до Уставниот суд за преспитување на алатката „балансер“, бидејќи сметаат дека со ова се прават злоупотреби при вработувањата.

Претседателот на Уставниот суд Дарко Костадиновски во неодамнешното интервју за МИА рече дека за овој предмет очекува расправа базирана исклучиво на правни аргументи, и одлука на Судот како израз и резултат на уставно правна-анализа, без премиси на емоции, политичко, национално или било какво друго расудување.

Извор: РСЕ

Прочитајте повеќе

Либан: Пејџери, воки-токи, па отворена војна?

Либан: Пејџери, воки-токи, па отворена војна?

По експлозиите на стотици електронски уреди, останува нејасно како ќе реагира Хезболах, која ужива поддршка …