Радиоактивност Радијација

Увозот на радиоактивен отпад во Северна Македонија е забранет

Произволно и неточно е и тврдењето во објавата дека кај нас ќе се отвораат рудници на злато, бакар, кобалт, литиум, јаглен. Нема отворање на нови рудници со вакви метали во земјава, особено не од ЕУ инвеститори

Според Законот за заштита од јонизирачко зрачење и радијациона сигурност (член 22) кај нас е забранет увозот на радиоактивен отпад и/или нуклеарен отпад. ЕУ правилата ги обврзуваат сите земји членки на ЕУ да имаат национални закони за менаџмент на радиоактивен отпад, кој главно се генерира преку производството на струја во нуклеарни електрани или во процеси каде се користат радиоактивни материјали за медицински, истражувачки индустриски или земјоделски цели. Исто така, не постојат никакви докази или индикации дека ЕУ ги пали шумите во земјава. За пожарите има постапки против неколку лица, во голем број од случаите не се познати сторителите, но сомнежите се дека најголем дел од пожарите се предизвикани од човечки фактор, пишува Вистиномер. 

Текстот го пренесуваме интегрално:

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:

ЗОШТО?
До мене стигна ова на сликата. Ве информирам дека е точно и дека знам за кој “ЕУ дипломат” се работи: беше конзул во Битола. И да не го знаев тој факт, знам дека е така како што е напишано.
Сите сведочиме. И главно молчиме.
Денеска во парламентот не помина Предлог-законот на Левица за забрана за градење на опожарените подрачја, со цел да се дестимулира подметнувањето пожари. Едноставен, елегантен и ефикасен закон. Не помина. Владеачката коалиција не гласала. Зошто, луѓе, не го гласавте? Ќе решевте многу нешта. Што е лошо во тој Предлог-закон? Дали само тоа што Левица го предложила? Тоа е глупо и кусогледо. Ако е така, еве тогаш владеачките партии нека го предложат повторно: национален консензус е добра работа. Ама изгледа не е така.
Па како е?
Така како што е напишано е.
Потоа се споделува принтскрин со текст (од непознато потекло) на кој пишува:
Пред 10 години разговарав со еден дипломат од ЕУ држава. Ми кажа дека Балканот е планиран да биде европска депонија за складирање радиоактивен отпад, палење ѓубре од ЕУ државите и за копање руда, злато, бакар, кобалт, литиум, јаглен итн. Јас го прашав кога ќе почне тоа а тој ми рече кога ќе почнеме да ви ги палиме шумите тогаш знај дека тој процес започнал.
Со Законот за заштита од јонизирачко зрачење и радијациона сигурност, се уредува и постапувањето со радиоактивен и нуклеарен материјал, како и спроведувањето на мерките за радијациона сигурност и
нуклеарна безбедност. Во член 22  од Законот е децидно наведено дека:
Увозот на радиоактивен отпад и/или нуклеарен отпад на територијата на Република Македонија е забранет.
Во истиот Закон, член 2 ,став 17, е дефинирано дека:
Радиоактивен отпад е материјал во која било физичка форма остаток од активности поврзани со него или од интервенции за кои не се предвидува понатамошна употреба, кој содржи или е контаминиран со радиоактивни материи и има активност или концентрации повисоки од нивото кое не подлежи на контрола и изложувањето на нивното зрачење не е исклучено со овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон.

Во член 22 од овој закон е предвидено дека правното лице е одговорно, активноста и обемот на каков било радиоактивен отпад, кој е резултат на работа со изворот за кој има дозвола, да го сведе на најниското можно ниво и да ракува со отпадот, односно да го собира, чува, кондиционира, транспортира и одлага на начин утврден со овој закон и прописите донесени врз основа на него. Начинот на ракување со отпадот, односно собирањето, чувањето, кондиционирањето, транспортирањето и одлагањето го пропишува Дирекцијата.

Во член 23 е уредено оти правното лице треба да обезбеди дека радиоактивните супстанци од работа и изворите на јонизирачкото зрачење нема да ги испушта во животната средина.

Член 24 пропишува дека одлагање на  радиоактивен отпад се врши во складиште на локација и на начин утврден од Владата на Република Македонија, на предлог на Дирекцијата, Министерството за животна средина и просторно планирање и Министерството за здравство. Трошоците за одлагање на радиоактивниот отпад паѓаат на товар на правното лице кое го поседува изворот.

Уреден е и увозот, извозот и транзитот на секој отпад.

Што се однесува на земјите од Европската Унија, ЕУ правилата ги обврзуваат сите земји членки на ЕУ да имаат национални закони за менаџмент на радиоактивен отпад. Тој главно се генерира преку производството на струја во нуклеарни електрани или во процеси каде се користат радиоактивни материјали за медицински, истражувачки индустриски или земјоделски цели.

Уште повеќе што извозот на отпад надвор од границите на ЕУ, а кој потекува од земјите членки на ЕУ е регулиран со закони и систем на дозволи. Еве што вели порталот на Советот на Европската унија за ова прашање:

Во рамките на ЕУ пратките со опасен и другите видови отпад се дозволени и регулирани. За пратките надвор од ЕУ, од друга страна, правилата забрануваат извоз на опасен отпад од земјите членки на ЕУ кон земјите кои не се членки на ЕУ или ОЕЦД.   

Понатаму, не постојат никакви докази или индикации дека ЕУ ги пали шумите во земјава. За пожарите има постапки против неколку лица, а во голем број од случаите не се познати сторителите. Но, сомнежите се дека најголем дел од пожарите кои беснеат на територијата на С. Македонија изминатите недели се предизвикани од човечки фактор.

Произволно и неточно е и тврдењето во објавата дека кај нас ќе се отвораат рудници на злато, бакар, кобалт, литиум, јаглен. Нема отворање на нови рудници со вакви метали во земјава, особено не од ЕУ инвеститори.

Има голема стагнација и смален интерес кај инвеститорите и за одбележување е фактот дека за последните 40 години во нашата земја е отворен само еден нов рудник-БОРОВ ДОЛ кој всушност преставува површински коп и продолжување на векот на работа на БУЧИМ за минимум 10 години каде се преработува бакарната рудаизјави во август 2023 поранешниот директор на Бучим, Николајчо Николов за Локално.

Покрај ова, не успеавме никаде да најдеме податоци дека на теритријата на С. Македонија воопшто се порнајдени количества, на пример, на литиум погодни за комерцијална експлоатација. Точно е дека на територијата на Србија се откриени големи количества на литиум, а назнаки за постоење наслаги на литиум има и во Босна и Херцеговина, но во С. Македонија нема никакви информации или индиции за такво нешто.

Делот од објавата во кој се објаснува дека предлог законот на Левица беше одбиен во Собранието е точен.

Но, поради сите горенаведени неточни и со ништо непоткрепени тврдења, оваа објава, која бездруго претставува теорија на заговор, зашто имплицира дека некакви моќници или моќни групи од Европската унија или целата Европска унија има за цел тајно да ја уништи С. Македонија, претворајќи ја во континентална депонија и држава рудник, без притоа да се понуди било каков аргумент, ја оценуваме како невистинита.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Не е точно дека Зоран Заев има бугарско државјанство

Не е точно дека Зоран Заев има бугарско државјанство

Заев за „Вистиномер“ децидно тврди дека објавениот документ од наводното негово бугарско државјанство, не е …