Ивон Величковски

Величковски: ВМРО-ДПМНЕ доктринарно е спротивставена на постоењето на нацијата на Северна Македонија

фејсбук статус на Ивон Величковски

Кога партијата е над државата, прашање на време е кога ќе ја снема државата. Бидејќи ниту економијата ниту безбедноста ниту меѓуетничките односи не може да бидат партиски контролирани.

Затоа, мора да го пресретнеме процесот на девастирање на Северна Македонија како процес на уништување на нацијата и, низ него, на македонскиот народ.

Јасна е врската меѓу неуспехот на Владата во економијата со конфликтноста во надворешната политика и форсирањето штетни проекти во транспортот,  енергетиката, безбедноста.

Оттука, анонимното предупредување за кое денес јавија медиумите, дека се подготвува кадровско-партиски упад во безбедносните структури на Северна Македонија – мора да биде сфатено сериозно.

ВМРО-ДПМНЕ и предизборно најави дека има за цел спојување на АР и АНБ. Тоа подразбира и одвојување на изворна надлежност на претседателот на Републиката и нејзино концентрирање во Владата, односно премиерот и владејачката партија.

Последично, низата (само)омаловажувања на Силјановска-Давкова беа и ќе бидат употребливи за ВМРО-ДПМНЕ.

Со промашениот инаугуративен говор, самопоканувањето во Софија, спорното етно-партиско наместо кариерно назначување началник на Генералштабот на АРСМ… Силјановска-Давкова прерасна во лице во Вила Водно задолжено за постапување по кадровско-партиски координати на Белата Палата – концентрирајќи ја моќта во премиерот и ВМРО-ДПМНЕ. За што впрочем и беше номинирана.

Втемелена на историја од пред два века, ВМРО-ДПМНЕ е принудена на концептот на етно-партиски монопол над државата, бидејќи без таквиот монопол ВМРО-ДПМНЕ ја губи визурата на етно-партиски “застапник” на Македонците и, со тоа – и смислата на партиското постоење.

Оттука, ВМРО-ДПМНЕ доктринарно е спротивставена на постоењето на нацијата на Северна Македонија.

Подлабоко, причината за тоа е зависноста на ВМРО-ДПМНЕ од југо-македонистичката илузија за моноетничка, монорелигиска, монојазична нација срочена во фабрикатите на југословенските служби од крајот на 1980-тите и раните 1990-ти од типот “Чиста Македонија”, “Бугари-Татари”, “Грци-Цигани”, “Шиптари”.

Оти само додека таквата илузија постои  Македонците може да “зависат” од тоа како ВМРО-ДПМНЕ “ја брани чистата, православно-кирилична, античко-словенска нација”, која Милошевиќ ја проектираше во Србија во соработка со СПЦ, а Путин ја проектира во Русија во соработка со РПЦ.

Ова ја разјаснува потребата за надворешно-политичка конфликтност кај функционерите на ВМРО-ДПМНЕ и за спротивставеност кон инструментите на Рамковниот договор кај владините функционери на ЗНАМ.

И иако не ја објаснува сервилноста на ВЛЕН кон таквата политика на Владата, збирно личи дека сето тоа служи за да не се постават незгодните прашања:

– Зошто комплетираниот железнички и автопатски коридор 10, кој уште ги нема исплатено задолжувањата за последните фази на изградба, одеднаш треба да биде обременет со уште 3-4 милијарди евра долг?

– Зошто со ваквата политика Северна Македонија треба да остане екс-ју провинција и економски и инфраструктурно и безбедносно-политички?

– Зошто да не се поврземе со Италија (преку Албанија) и со Турција и Романија (и преку Бугарија) низ коридорот 8?

– За да се гарантира интересот и присуството на Москва и Пекинг преку (Бањалука, Будимпешта) Белград и Скопје во Солун и Пиреа?

– Зошто никој не зборува дека задолжувањата на Скопје кон Пекинг (вклучително најновото виа Будимпешта), заедно со практично “бесцаринскиот” проток на кинеска роба што го уништува домашното производство – дополнително ја деиндустријализира земјата и го уништува животниот стандард со генерации однапред?

Резимирано: Предвидлива е проекцијата за паралелно поклопување на безбедносните служби и на медиумскиот простор од ВМРО-ДПМНЕ во моментот кога Владата ќе постигне фактички прекин на ЕУ-преговарачкиот процес и одвојување на Албанија од “пакетот” со Северна Македонија.

Од тој момент, 2009 -15 ќе изгледаат како детска приказна. Со сите последици.

Прочитајте повеќе

Тони Лазов освои сребрен медал на Шаховската олимпијада во Будимпешта

Тони Лазов освои сребрен медал на Шаховската олимпијада во Будимпешта

Лазов, кој е актуелен шаховски шампион во државата, освои 7,5 освоени поени од 8 одиграни …