Седница на Владата

Владата го усвои Планот за забрзан економски раст – 156.000 нови работни места, дозволено организирање настани во затворен простор до 50% исполнетост

Владата на Република Северна Македонија на денешната 115-та седница го разгледа и прифати Планот за забрзан економски раст за период 2022 – 2026 година, кој покрај традиционалниот нуди иновативен пристап до капитал за финансирање за забрзување на економскиот раст, пристап кој успешно функционира во Европската Унија.

Предвидено е, покрај планираните јавни инвестиции во износ од четири милијарди евра за периодот 2022-2026 година, финансирани од буџетот, со ИПА фондовите и со меѓународните финансиски институции, да се мобилизираат повеќе средства и инвестиции од страна на приватниот сектор.

Планот за забрзан економски раст ќе поддржи инвестициски проекти во јавниот и приватниот сектор, кои ќе бидат концентрирани во повеќе приоритетни области како зелена економија, дигитализација, иновациите и технолошкиот развој, развојот на физичката инфраструктура и човечки капитал, во износ од 12 милијарди евра и обезбедени нови 156.000 работни места.

Владата на Северна Македонија на денешната редовна 115-та седница, согласно моменталната епидемиолошка состојба во државата, на предлог на Комисијата за заразни болести ги донесе следните заклучоци:

– Се дозволува организирање и одржување на семинари, обуки, курсеви, состаноци, работилници, конференции и слично, во затворениот дел на објектите до 50% исполнетост од капацитетот на просторот.

– Се дозволува работа на барови и ноќни клубови – дискотеки, како и на угостителските објекти кои се регистрирани за прослави (веселби, свадби, родендени, крштевки и слично) во затворениот дел на објектите до 50% исполнетост од капацитетот на просторот.
– Се дозволува влез во секаков вид на објекти од отворен и затворен тип, угостителските објекти (кафетерии, ресторани, барови, ноќни клубови-дискотеки), во угостителскиот објект/дел за исхрана во угостителските објекти за сместување (хотел, мотел, хостел, пансион и друг објект за сместување), на бензинските станици, во казината и обложувалниците, во други објекти кои во склоп на истиот даваат угостителски услуги, во угостителските објекти кои се регистрирани за прослави (веселби, свадби, родендени, крштевки и слично), како и се дозволува влез каде што се одржува настан од секаков друг вид (концерти, семинари, обуки, курсеви, состаноци, работилници, конференции, културни или спортски настани), на посетители / гости / лица, со поседување и приложување на еден од следните документи:

– до 14 ноември 2021 година е потребно сертификат/потврда за извршена имунизација (вакцинација) од вирусот SARS-CoV-2, односно примена најмалку прва доза на вакцина против заразната болест КОВИД-19, а од 15 ноември 2021 година сертификат/потврда за извршена имунизација (вакцинација) од вирусот SARS-CoV-2, односно примени две дози на вакцина против заразната болест КОВИД-19 или

– сертификат/потврда за прележан КОВИД-19 во последните 45 дена, сметајќи од денот на оздравувањето.

Согласно ова, Владата донесе Одлука за изменување и дополнување на Одлуката за превентивни препораки, времени мерки, наредени мерки, наменски протоколи, планови и алгоритми за постапување за заштита на здравјето на населението од заразната болест КОВИД-19.

Прочитајте повеќе

Секретаријатот за родова еднаквост заборавен, ниту еден сигнал од власта на РСМ

Секретаријатот за родова еднаквост заборавен, ниту еден сигнал од власта на РСМ

Работата за предлог законот за родова еднаквост, врз основа на кој е предвиден овој секретаријат, …